Техники

Медитација

Изолацијата е страдање

Несигурноста веројатно е состојба која нè следи уште од раните години на животот. Кога ќе пораснеме, за да ја ублажиме и за да се оспособиме да опстојуваме во надворешниот свет, почнуваме да градиме некои свои концепти на сигурност и почнуваме околу себе да подигнуваме огради за да ја заштитиме својата индивидуалност. Повлекувајќи се во својата школка, која може да биде и поголема, штитејќи се, одеднаш ќе сфатиме дека се наоѓаме во мрак, во темнината на нашата изолација, сами, откинати од нашиот тоталитет, од нашиот универзален живот. Разграничувањето меѓу тоа што е „јас“ и што не е „јас“, без да знаеме за нашата целост, сме го почнале многу рано.
Чувствувањето на себеси во својата ограничена физичка форма ни создава чувство на одвоеност од сето она што самите го дефинираме како „тоа не сум јас“. Оваа одвоеност прави да се чувствуваме непријатно, притиснато, нехармонично, а со текот на времето и осамено и изолирано. Но исто како што бранот во океанот не е одвоен од океанот, иако изгледа дека има посебна форма и се нарекува со посебно име, така и човекот не е одвоен од светот.
Тој вештачки прави голем простор меѓу себе и светот што полека го исполнува со недоразбирања, конфликти, игнорирање, незнаење – авидја, како што се нарекува во јогата.
Различни методи во јогата и медитации ни помагаат да научиме како да ја надминеме оваа ограничена самоидентификација, место врзаност и зависност од околината да изградиме здрава комуникација со неа, да развиеме пријателство, прифаќање и љубов што ќе го поврати нашето чувство на заедништво и припадност на космичката Целост. Ова проширување на свеста е бавен процес што некој го има споредено со раѓање дете. Јогата тука е како бабица што помага во породувањето.
Таа учи на техники кои можат да бидат аналогни на природно и ненасилно породување, во кое што доживувањето на болка и страв се трансформира во радост и среќа.

Пранајама

Пранајама добри дишење - Здраво живеење

Дишењето е главно обележје на постоењето. Дишеш = живееш.
Тоа е во тесна поврзаност со виталната енергија и со другите функции во телото и затоа ако го „култивираме“ и развиеме контрола врз него ќе создадеме услови за подобро функционирање на телото, за смирување на емоциите и прочистување на умот. Ова можеме да го направиме благодарение на тоа што дишењето е единствен автоматски процес во организмот кој може да го контролираме и по своја волја, да го забрзаме или успориме, да го задржиме или продлабочиме.
Западниот свет во последните неколку децении сè повеќе го усвојува сфаќањето на човекот уште од дамнина присутно во старата индиска традиција. Според оваа филозофија човекот има пет „обвивки“, од кои физичката обвивка или физичкото тело е само првото ниво. Второто е виталното тело кое е сочинето од прана, т.е. животна енергија која тече низ нас по невидливи патишта познати како надија. Третото е нашиот ум, мислите и емоциите. Четвртото е вишиот интелект, совршената мисла и знаењето. Последното е пребивалиштето на блаженството или универзалната свест. Таму се наоѓа седиштето, од каде и се емитираат есенцијалниот внатрешен мир и вистинската среќа во секој од нас.
Четвртото и петото ниво се проникнати од пошироката, универзалната свесност и не можат да бидат вознемирени, а нерамнотежа може да има само на првите три нивоа. Тоа е така зашто врз физичкото тело, праната и умот доминира его-свесноста, која многу лесно се вознемирува, со што автоматски се внесува нерамнотежа во телото, енергијата и умот.
Четвртото и петото ниво се проникнати од пошироката, универзалната свесност и не можат да бидат вознемирени, а нерамнотежа може да има само на првите три нивоа. Тоа е така зашто врз физичкото тело, праната и умот доминира его-свесноста, која многу лесно се вознемирува, со што автоматски се внесува нерамнотежа во телото, енергијата и умот.
Токму врз ова сфаќање на човечкото суштество се засновани јогиските техники: асаните (телесните положби), пранајамата (дишните техники), медитацијата и другите техники, кои се средства со кои може да ги одржуваме, прочистуваме и урамнотежуваме своето тело, енергија и ум.

Техники на дишење

Секоја од јогиските техники има свое специфично дејство, а целта на техниките на пранајама е да научиме да дишеме правилно, да развиеме контрола на дишењето со што постигнуваме хармонизирање на енергијата и на менталните процеси. Постојат различни техники на дишење, некои од нив ги чистат дишните и енергетските текови (капалбати), други ги урамнотежуваат енергиите (нади шодана, сук пурвак), а трети пак со вибрација создаваат ментална смиреност (брамари, уџаи-пранајама). Покрај тоа, овие пранајами внесуваат повеќе кислород во организмот што е важно за неговото здравје, го јакнат имунитетот, помагаат белите дробови да се прочистат, ја подобруваат концентрацијата и работоспособноста, дишењето станува длабоко и мирно и во секојдневието.
Некои од техниките се полесни, а други бараат поголема контрола на здивот, но и за едните и за другите е важно да се учат под надзор на искусен наставник.
Како основа на техниките на дишење, од каде се почнува, се трите вида на дишење, или трите дела на комплетното јогиско дишење: абдоменалното, градното и клавикуларното.
Правилниот начин на дишење е кога ги користиме овие три дела одеднаш. Ако не користиме некој дел тогаш мускулите од тој дел стануваат послаби, или хронично напнати. Затоа на курсевите се работи на јакнење и релаксирање на дишната мускулатура и на користењето на трите дишни зони.

Пробајте и вие

Седнете на стол или на под со прекрстени нозе, како што ви е покомотно, и исправете го грбот. Отпуштете се што повеќе, прво оставете го дишењето да се одвива само по себе, а потоа водете го со минимален напор.
Вдишете на стомакот и забележете дека се шири, и потоа издишете со негово повлекување навнатре. За да ви биде полесно ставете ја едната дланка на стомакот и следете го тука движењето. Држете ги градниот кош и клучните коски неподвижни. Направете го ова десет пати.
Потоа, држете ги стомакот и клучните коски неподвижни, а дишете на градниот кош. Вдишувајќи ширете го градниот кош, издишувајќи отпуштајте го. Додека го вежбате ова држете ги дланките од страна на градниот кош и ако забележувате дека слабо се движи, продлабочете го дишењето. Дишете вака десет пати.
Следно, концентрирајте се на зоната кај клучните коски и дишете само со овој дел. Обидете се стомакот и градниот кош да не ги користите при дишењето. Додека вдишувате клучните коски ќе се подигнуваат, а додека издишувате ќе се спуштаат. Дишете на ваков начин десет пати.
Дишете спокојно, постепено, и додека го нагласувате дишењето за да стане подлабоко внимавајте да не внесувате поголем напор од потребното. Кога се вежба ова, после извесно време дишењето ќе стане подлабоко, полесно, послободно. Ќе исчезне чувството дека ни „фали“ воздух. Само тие што имале проблем со дишењето знаат каков благослов е да се дише слободно. Дишењето ни го одржува животот, и секоја потешкотија поврзана со него автоматски го буди стравот за сопствената безбедност. Затоа правилното, непречено дишење за нас значи здравје, среќа и одржување.

Надминете ги проблемите со дишењето

Многу од нас изгубија способност да дишат здраво. Седечкиот начин на живеење, менталните и емоционалните стресови заедно влијаеа дишењето да ни стане поплитко и неправилно, што од ден на ден влијае на нашето расположение, а на подолг период и на нашето здравје. Хроничниот замор, респираторните инфекции и многу алергии можат да бидат предизвикани од лошиот начин на дишење. Затоа најголемиот придонес што јогата може да го даде во нашите животи и нашето здравје е повторно да ни го врати природното дишење.
Понекогаш астмата и бронхитисот, се причина некој да почне да практикува јога. Но проблемот со дишењето не се решава само со техниките на дишење, зашто е предизвикан и од други фактори. Затоа во ублажување и совладување на проблемите со процесот на дишење се приоѓа холистички, со застапеност на соодветна физичка активност (асани кои го олеснуваат и продлабочуваат дишењето), постапки за прочистување, релаксации и медитации кои ни ги ослободуваат телото и умот од блокадите, стресот и стравовите. И најчесто, штом психофизички ќе се релаксираме дишењето ни се смирува и продлабочува.

Асани

Положби за смалување на стресот и зголемување на виталноста

Кога ќе се споменат телесни вежби вообичаено добиваме асоцијација на активност која бара големо напрегање и добра физичка кондиција. Но телесните положби во јогата, асаните, се нешто сосема друго.Тие се основните вежби во јогата и претставуваат алатки со кои ја подобруваме состојбата на телото и на умот.
Традицијата кажува дека постојат 84 илјади асани, од кои е доволно да знаеме и практикуваме неколку десетици. Тие се многу стар „изум“ за благосостојба на човекот бидејќи вршат корекција на функционирањето на сите делови на телото вклучително и внатрешните органи и системи. Првенствено служеле да го одржат здравјето на посветените јогини кои се стремеле кон висок духовен развој, бидејќи болеста се смета за првата пречка на тој пат. Токму овие положби им помагале да останат во добра телеснo-енергетска рамнотежа, да развијат задраво и издржливо тело, кое уште се одликува и со смиреност и чистота, квалитети кои биле неопходни за долгата медитативна практика за да ја достигнат својата највисока цел, обединување на индивидуалната со изворната, сеприсутната космичка свест.

Асаните во себе ја носат идејата на источната мисла за човекот - дека тој претставува единство на телото и умот, на материјалното и духовното.

Денес сите што практикуваат јога и асани не мора да бидат посветени јогини. Секој, без разлика на возраста може да научи, ако не повеќе, барем една програма на асани кои ќе му помогнат да достигне подобро чувство за себе, подвижно тело и ослободеност од стресот, издржливост, стабилност, отпорност на болести, виталност, со што ќе се чувствува добро, сигурно и среќно во сопствената кожа.
Има положби со различна тежина, од наједноставни до најтешки кои бараат долго практикување за да се усовршат. Поискусните практиканти може да знаат многу асани, вклучувајќи многу напредни положби со силно истегнување. Но, запаметете, дека вие не мора да ја правите секоја положба ако имате покруто тело, или, кажано поинаку, ако вежбате движете се во рамките на своите можности и така ќе имате најдобри ефекти од она што го практикувате.

Позитивните ефекти од асаните

Ефектите од асаните се сестрани, а за тоа најдобро би посведочиле практикантите и оние што вршат научни истражувања за влијанието на јогиските техники врз организмот на човекот. Но, не мора да сте научник за да знаете дека ви е добро и дека имате некои од следните промени:
  • Смален стрес
  • Подобар квалитет на спиењето
  • Зголемен капацитет на белите дробови, т.е. подобрување на дишењето
  • Подобрена дигестија и метаболизам
  • „Подмладување“ на функцијата на зглобовите
  • Зајакнати и еластични мускули
  • Зголемена циркулација
  • Подобрено држење на телото
  • Зголемена рамнотежа на умот и на телото
  • Зголемена концентрација
  • Зголемeна самосвест
  • Чувство на радост
Освен овие заеднички, секоја асана има и свое карактеристично дејствување на телесен и психоментален план. Мора да се напомене дека некои од асаните имаат ограничувања и контраиндикации за луѓето со здравствени проблеми, тоа го укажува наставникот, а практикантот мора тоа да го почитува поради свое добро.
Практикувањето на овие положби ќе ја зголеми отпорноста на болести, а можат да се применуваат за надминување или олеснување на конкретни здравствени нарушувања, како: астмата, дијабетесот, срцевите заболувања, високиот крвен притисок, ‘рбетните деформации, остеопорозата и друго. Специјализирана програма е препорачлива за бремените жени, децата и постарите лица.

Како се изведуваат

Тоа дека секој може да ги практикува асаните доаѓа од начинот на кој се изведуваат. На кратко, тој опис би бил ваков:
– лесно, бавно, со свесно водени движења, со усогласено дишење, со контролирано напрегање и со акцент на опуштање на мускулатурата.
Кога телото ќе ви стане посилно и поеластично и кога ќе имате потреба да ја повратите изгубената енергија начинот на кој вежбате може да биде поразличен:
– за нијанса поинтензивно но и понатака со свесна контрола, со нагласено истегнување и контракција на мускулатурата што ќе ви ја подигне енергијата во телото.
Хармонично усогласување на телото, дишењето и мислите
Контролата на дишењето е важен дел на јогата. Во телесните вежби дишењето се поврзува со движењата. Контролирањето на дишењето може да ви помогне да си го контролирате телото и да стекнете контрола на својот ум. И обратно, кога ќе научите да не се напрегате повеќе од потребното тогаш и дишењето ќе ви стане помирно, па полесно ќе може да го комбинирате со движењата. Дишењето го прави вежбањето похармонично.
Низ практикувањето на асаните се учите во нив да имате што помалку механички движења, што повеќе да учествувате ментално и својот ум да го впрегнете во тоа што го правите во моментот. Кога ќе почнете да ги доживувате движењата, положбите, состојбите на олабавеност, напор, истегнувањата, умот полека ќе ви се растеретува од вообичаените грижи за она што било и она што ќе биде. Тој краток период што сте го одвоиле за себе за да извежбате неколку положби ќе го искористите да се релаксирате, да си го избалансирате организмот и да се вратите на својот живот со едно поведро расположениe.

Јога

Јога за среќа и здравје

Не постои човек кој не си посакува добро задравје и добра среќа. Секој сака да се чувствува убаво, радосно, да се чувствува полн со животна сила. Здравјето и среќата се неразделни, оној што е здрав е среќен, оној што е среќен е здрав, а нивниот заеднички корен е хармонијата.
Болеста, која е знак за нарушена хармонија во телото и духот, најчесто е предизвикана од погрешниот начин на живеење, од погрешните навики воопшто и поради несоодветната исхрана. Се разбира дека тука се и наследните фактори, но и „личните наследни фактори“, според јогискиот концепт на причинско-последичниот закон, законот на кармата, со кој се поврзани благосостојбата, разболувањето и лекувањето.
Болеста може да ја сметаме за предупредување. Внатрешниот систем ни сигнализира дека не може да продолжиме понатаму на истиот начин и дека треба нешто да промениме. Добар чекор кон тоа е да почнеме да практикуваме јога, која дава добри резултати зашто човекот го опфаќа холистички (телесно, енергетски, ментално, духовно).

Јогата не враќа кон нас самите

Со јогата ќе научиме како да се грижиме за самите себе, за своето тело и ум. Практикувањето на техниките од јогата и применувањето на јогата во секојдневниот живот можат да ни помогнат:
Да оствариме комуникација со себеси
Да го подобриме нашето општо здравје
Да развиеме позитивни ментални ставови и креативност
за поквалитетно да си го осмислиме сопственото живеење.
Начинот на кој се изведуваат техниките е погоден за секого. Се изведуваат без брзање, со свесни и контролирани движења, со релаксираност. Спротивно од тоа како се однесуваме вообичаено – со напрегање, со брзање, не мислејќи на себе. Јогата ќе нè научи токму на тоа, да го доведеме на нормала темпото со кое функционираме и да научиме да се ослободуваме од стресот и напорите.
При практикувањето на јогата секој се движи во рамките на своите можности. Најважното е практикантот да се чувствува пријатно, релаксирано, но сепак физички и ментално активирано. Таквиот начин на практикување ќе нè научи на многу полезни нешта, меѓу другото и на тоа да се опуштаме кога тоа ни е потребно и да се напрегаме колку што треба и кога треба. Тоа значи во секојдневниот живот да внесеме рамнотежа во периодите на активност и релаксација, односно да најдеме природен и здрав ритам на периодите на ангажираноста и времето за „повлекување во себеси“ каде можеме да го најдеме најголемо растеретување и спокојство.
Ефектите од практиката на јогата се јавуваат како резултат на нашето залагање, а тоа е индивидуално. Веднаш по првите часови ќе се почувствувате пријатно опуштени, порасположени, заморот и напнатоста од телото ќе исчезнат. А ако бидете редовни во вежбањето имунитетот ќе зајакне, ќе забележите дека станувате повитални, посмирени, посигурни во себе, порешителни. Некои вообичаени тегоби, како болките во мускулите и зглобовите, главоболката, несоницата, исчезнуваат или се намалуваат.
Практикувањето на јога-техниките ги урамнотежува сите функции и работата на сите органи во човечкиот организам, што помага да се ублажат или да се надминат многу здравствени нарушувања: зголемен крвен притисок, белодробни болести, проблеми со мускулно-скелетниот систем, психосоматски заболувања и др.
Не треба да се смета дека јогата е лек за сите болести, но сигурно ни дава психоментални и духовни придобивки што не можат да се добијат од некој друг вид на активност.

Нашите најнови настани

Термини за вежбање

Вторник и Четврток

Emily Holt

Вторник и Четврток

Emily Holt

Вторник и Четврток

Emily Holt

Вторник и Четврток

Emily Holt

Инвестирајте во
вашето здравје

ОУ „Браќа Миладиновци“
Владимир Комаров 5
Скопје, 1000
Scroll to Top