Випасана медитација

За да влеземе во подлабок процес на медитација, неопходно е таа да трае подолго. Само со долгите медитации е можен почеток на процесот на лична трансформација. Затоа овој семинар, предвиден како целодневна посветена практика (садана), ќе биде можност да се повлечете од вашата секојдневна околина за да имате едно поинакво искуство.
Випасана-медитацијата е начин да ја вратиме својата целосност, интегритетот на личноста. Тоа е медитација со увид, проникнување, спознавање.
Техниката може секој да ја следи, па и оние со помало искуство во техниките на концентрација и медитација, бидејќи кај секој се развива личен внатрешен процес. Техниката е поврзана со дишење, а основно е да не ги потиснувате оние состојби што во моментот на медитација ќе ви се појават. Вистинската убавина во себе ќе ја откриете кога ќе допуштите да се ослободат и да бидат доживеани оние чувства што „испливале“ на површината.
Целта на медитацијата е да научиме да се ослободуваме од она што нe мачи, притиска, она што нè попречува и одвојува од доживувањето на себеси исполнето, заокружено, интегрирано.
Во просториите на Центарот за јога и личен развој се одржува семинарот за випасана-медитација, кој се одвива во атмосфера на максимална чистота, посветеност и ослободување од врзаности.
Семинарот е целодневен, со посебен нагласок на медитациите, кои траат по еден час, а има и практични часови со асани, пранајама и релаксација, разговори околу искуствата. За време на семинарот одржуваме максимална посветеност во смисла на ненарушување на свесноста во секој чин, додека медитираме, пиеме чај, се одмораме. Врзаностите ги тргаме настрана и се свртуваме кон себеси, кон своето повисоко јас.
Под водство на Весна Алексовска, преку интензивна контемплација на нашата внатрешна состојба се доближуваме до себеси, освестувајќи дел од несвесното, кое лежи скриено длабоко во нас.
Но, што всушност е оваа медитација? Едноставно кажано, тоа е седење во медитација во која го набљудуваме дишењето, го набљудуваме она што нe поврзува со животот. Тоа нe доведува до една таква состојба во која забележуваш секаква, дури и најмала сензација што се случува во телото, секоја мисла што произведува низа на чувства, состојби на загриженост или други феномени. Се набљудуваме себеси сега и тука, ја набљудуваме својата внатрешна состојба, прифаќаме сe што се појавува, дозволуваме работите да бидат такви какви што се, ги гледаме работите онакви какви што се навистина, се одвојуваме од нив и го овозможуваме процесот на ослободување.
Оваа медитација ни отвора голема врата за да се видиме себеси одблизу, однатре, каде што во нас владее мирот, божествениот. Медитацијата е одлична можност да се ослободиме од врзаностите и од несвесните обрасци. Присутноста во сегашниот миг и смиреноста на умот што ја постигнуваме набљудувајќи го дишењето е тоа што ни ја дава таа моќ подобро да видиме.
Во склоп на семинарот имаме оброк, кој го земаме со посебно внимание и благослов. Разговорите меѓу нас се тивки за да не ја нарушуваме состојбата што сме ја постигнале.
Самото присуство на еден ваков семинар покажува решеност да постигнеме напредок, да ги трансформираме работите. Сепак, оваа медитација бара малку поголем напор и трпение. Но, токму тоа е она што нe носи до посакуваниот резултат.
На овие семинари доаѓам со цврста решеност да променам некои работи кај себеси. Она што досега можев да го осознаам е дека во випасана добивам голем увид во себеси и дека потоа се чувствувам среќно и исполнето, дека моите грижи се само мали незначајни бранчиња во неизмерно големото море на внатрешниот баланс и мир.
Со постојано практикување на випасана можеме да го прочистиме својот живот од врзаностите, да добиеме одговори што можат да го сменат правецот на нашиот живот во вистинската насока.
Лично, воодушевена сум од семинарот и поттикната сум да работам поупорно на себеси. Секако дека за време на семинарот, а и по него имав лични уверувања и потврди дека таа функционира и дека е драгоцено време употребено во најдобра цел, време вложено во себеси. Подарок што можеме да си го подариме и што ни е секогаш на располагање.

Целодневна садана

18.04; 16.05; 27 и 28.11.2010

Скопје (Центар за јога и личен развој)

Под водство на Весна Алексовска
Scroll to Top