Јогата е секогаш добар избор
Ако сакате да бидете свои, да се почувствувате силни однатре, сигурни, неразнишани дури и за време на силните бранувања во животот, а притоа не знаете како да го постигнете тоа, од се` срце ви ја препорачувам јогата. Оваа незаменлива практика постепено во нас создава услови за ослободување, да се доживееме себеси послободни во секоја смисла. Порастoварени од ограничувањата и условеностите што самите си гисоздаваме, и од друга страна, од видливиот или невидливиот притисок од очекувањата на средината.
Средствата што се применуваат во јогата на почетокот се едноставни: вежби за релаксација, јога-нидра, положби на телото, дишни техники. Вреди да се проба и да се види колку е тоа едноставно, но со силен ефект – ќе направите неколку положби и чувството во вас се менува, стегнатоста и напорите се разредуваат, енергијата и расположението се враќаат. Како резултат на сето тоа ќе се чувствувате дека стоите на кормилото на својот живот.
Сигурно ќе се сложите дека во животот има работи што ги добиваме лесно, некои сами ни доаѓаат, но за одредени нешта, треба да се избориме. Кога треба да се избориме за сопствената среќа и духовна слобода, ниту еден чекор и битка не треба да ги сметаме за тешки и непотребни. Кога гледаме дека нешто ни создава мака или не` блокира, на пример, ако сакаме тоа да го промениме, треба силно, прецизно да посакаме тоа да се случи. Да не забораваме дека животот ни е даден за да се развиваме, ако се буни нешто во нас, да не го отфрламе – тоа е внатрешен повик за промена и развој. Како соработник на тој пат на развој ќе ни биде медитацијата
Комуницирајте со себеси
За да ја реализираме медитацијата ни треба малку простор и време да сме сами со себе. Да се повлечеме еден или половина час за да си посветиме внимание, да повежбаме, да помедитираме. Со нашето едночасовно повлекување дозволуваме и другите да бидат свои.
Добро е кога во овие моменти би можеле навистина да бидеме сами со себе. Да знаеме да бидеме сами без да се чувствуваме осамено. Тоа најдобро ќе ни ги смири мислите и ќе не` научи да комуницираме со себеси. Тоа е една од работите што е на првото место во јогата.
Бидејќи се раѓаме сами, дури и ако сме близнак или тројка. Секој е посебно битие. Секој е единка за себеси и секој е одговорен за себе. Само што нас ни е страв да размислуваме така. Страв ни е да помислиме „јас сум сама одговорна за себеси“. Се плашиме да се одвоиме дури и за кратко, зашто нашето постоење го гледаме врзано исклучиво за оние со кои сме направиле релации, моменталните животни околности и низ она што поседуваме.
Времето во медитација ќе ни ја регенерира енергијата, за да можеме да направиме една рефлексија на себеси, за тоа што чувствуваме, за тоа како ни течат работите. Да се прашаме себеси дали сме задоволни, дали сметаме дека нешто може да промениме.
Оној што своите сили ги искористил да се унапреди, ќе може да биде добар и за другите, да има чувство за нив, зашто почнува да чувствува во своето срце дека сите имаме еден заеднички извор, сите сме со божествена природа, и затоа е бесмилено да се контрираме, да се напаѓаме, наметнуваме.
Помалку контролирајте
Различните медитации ќе ни дадат увид во нас самите, и во кој правец да се движиме. Една пречка што може да се јави е навиката да контролираме.Затоа кога сакате да вежбате јога или само да медитирате, кажете си дека сега ќе се повлечете од контролата врз вашата околина.
Да ги контролирате околностите, луѓето, случувањата дома, кој што прави, како прави. Обично сите имаме една шема внатре во својата глава за тоа како работите треба да функционираат. Земаме врз себе многу обврски и сметаме дека ако ние не ги мислиме, никој ништо нема да направи. Дека дома сите ќе останат во хаос ако ние не ги изменаџираме, дека нема да се облечат, нема да јадат, и затоа ние мора да земеме сè под контрола, па и она што не е и не треба да е наша грижа. 123
Оставете го животот да тече. Дишете малку слободно, и оставете ги и другите да дишат слободно без ваша контрола. На секој му е потребен слободен простор за да функционира со своите природни дарби, мани и избори.
Ако искрено помислите, верувам дека ќе се сложите со тоа дека контролата е кочење. Кога се држиме и себеси под контрола, може во еден момент да ни се случи да ги задушиме природните теченија во себе, љубовта, своите длабоки желби, способности, соништа. И се` од некаков страв… но тоа е друга и широка тема.
Дозволете си повеќе радост
Дозволете медитацијата и јога-техниките да ве научат да бидете присутни, отворени, позитивни, способни да прифаќате, и да менувате. И наоѓајте причини да се радувате. Радоста не е само за мали деца. Таа е и за возрасните лица и за постарите. Кај нас обично кажуваат: „Само децата нека се радуваат, не е важно за мене“. А што си правиме со тоа? Самите доброволно се осудуваме, се лишуваме од радоста, од среќа во животот, како да му кажуваме на животот: „Јас не сум важна, за мене како ќе биде – нека биде. Не е битно.“ Ние самите избираме положба на помалку важен, но работата е што после ги обвинуваме другите! Ем ние ќе се вовлечеме во дупката, а потоа ги обвинуваме другите.
За својот живот, за својата среќа – земете ја работата во свои раце. Треба да прифатите одговорност и силната мисла ќе биде почеток на позитивната промена во вас „Сакам да сум среќна, да ми е добро. Јас ќе го направам тоа“.
Имате моќ да го направите тоа, само треба да посакате. И ќе ви дојдат различни ситуации во животот што ќе ви го овозможат тоа, за вас.
Сакајте да се радувате. Пејте, играјте, пуштете си дома музика малку погласно, радувајте се, славете го животот.
Животот треба да се живее, треба да се радуваме. Да не сме закочени само во некои принципи, во ред, куќен ред. Да, сето тоа ќе го почитуваме, ама не треба да го оштетуваме својот живот. Внатрешната потреба од радост, среќа и љубов да ја задоволиме.
„Применувај ги толеранцијата, искреноста, сочувството, задоволството и вистинољубивоста како нектар.“
Аштавакра гита