Јога – мевлем за женското тело
Да се биде жена во денешно време не е едноставно и лесно. Таа треба да биде нежна, убава, полна со љубов и разбирање во секој миг од денот, во кој во исто време се бара да ги изврши професионалните обврски, да се погрижи околу облеката и хигиената во домот, да ги среди проблемите со децата, и уште мал милион обврски.
Овие тивки хероини кои секојдневно ги крепат и се грижат за своите семејства многу често не наоѓаат соодветно место каде што ќе можат квалитетно да го искористат она малку слободно време што ќе остане за нив. Во светот на фудбалските игралишта и обложувалници, гласни кафулиња, теретани и таа мора да се избори за своето местоОткако јогата се рашири на Запад, голем број на жени станаа нејзини приврзаници. Веројатно во неа можат да го најдат она што отсекогаш им требаше – умерена психофизичка активност, хармонизирање на личноста, изнаоѓање на здрав животен стил, духовно пронаоѓање.
Да се занимава жената со оваа дисциплина значи чекор поблиску до она што на секоја жена и е потребно од психички и духовен аспект – поголема свесност за самата себе, самосвест за сопствените квалитети и потреби. Бидејќи сигурноста во себе ќе и се зголеми ќе може да си го растерети животот од притисокот од “паметот” на другите, и ќе си ја ослободи својата личност од наметнатите критериуми однадвор (создадените шеми за тоа што е добро и како треба, што секогаш не се поклопува со она што е навистина добро). Ќе почне да ја слуша и следи својата внатрешна природа зашто само таму може да процени што е најдобро за неа и за нејзиниот живот.
Секој човек има потреба и право во сопствената кожа да се чувствува комотно, свое, почитувано, прифатено. А жената ако се чувствува така, на околината ќе и возврати уште повеќе, ќе биде способна да дава повеќе љубов, повеќе грижа, поголемо разбирање. Со помалку напор ќе може да внесе повеќе хармонија во своето семејство, а нејзината позитивност ќе зрачи во околината.
Здравите животни навики се природни потреби на телото и умот
Кога се зборува за одржување на здравјето, покрај здрава и природна храна, здрави животни навики, се нагласува и важноста на физичката активност. Движењето и вежбите се важни за секоја возраст. Кога организмот ќе почне да функционира добро и енергиите ќе се урамнотежат, почнуваат да се будат природните телесни и психички потреби, и жената спонтано почнува да се интересира за поздрав стил на живеење. Праксата на јогата ги задоволува овие потреби, и ñ помага на жената во различни периоди од нејзиниот живот.
Некои истражувања за јогата
Познато е дека јогата го ослободува стресот, ја подобрува еластичноста и ги јакне мускулите. Според мислењето на некои медицински стручњаци јогата може да има значајна улога и во лечењето на посериозни здравствени проблеми. Правени се различни студии за тоа каде јогата може да помогне:
- Заштита од појава на канцер на дојка. Во едно скорешно истражување што траело десет години, и во кое биле опфатени околу 65 000 жени, било забележано дека оние кои се бавеле со физичка активност уште како тинејџери (од 12 до 22 години) се помалку изложени на појава на канцер на дојка во период пред менопаузата. Затоа истражувачите ги поттикнуваат мајките заедно со своите ќерки да ги посетуваат салите за вежбање.
Истражувањата на универзитетот Дјук, пак, покажуваат дека жените кои пред и по хемотерапијата редовно практикуваат јога ја смалуваат психичката оптеретеност предизвикана од болеста и секојдневниот стрес, што позитивно се одразува на процесот на лечење. Докторите утврдиле дека жените кои редовно вежбале јога, а кои го преживеале ракот на дојка, имале доста помалку болки за време на опоравувањето. - Влијанието на молитвата и јогата на стресот. Истражувањето на научниците од Харвард сугерира како молитвата, јогата и медитацијата ја менуваат реакцијата на организмот на стресот заради промената на активноста на гените.
- Против хроничните болки во долниот дел на грбот. Редовното практикување на јогата е делотворен начин во борбата против овие болки, кажуваат студии спроведени во САД. Со вежбање јога само 75 мин. во неделата состојбата се поправа многу побрзо отколку само со вежби за истегнување и зголемување на силата.
- Депресија. Стручњаците на универзитетот Харвард откриле дека јогата значајно помага кај лечењето депресија, ако пациентите бар еден час дневно практикуваат јога. Така можноста за лечење на пациентите со јога се зголемува за 27%.
Смалување на менструални тегоби
Симптомите на болната менструација во голема мера може да ги смалат оние жени кои имаат умерен живот, кои не се изложуваат на преголеми стресови, и спијат доволно, се хранат здраво и имаат физичка активност. Асаните (јога-вежбите) може да се практикуваат пред и за време на циклусот, со одредено прилагодување. Пред циклусот тие помагаат да се подобри циркулацијата на крвта и на лимфата, за што се добри обратните положби, динамичните вежби (како Поздрав на сонцето), асани со истегнувања и торзиите. Менструалните болки може да поминат со асани со истегнувања кон напред, а болката во половината може да се ослободи со истегнувања кон назад, стоечки положби и торзии.
Јогата за подобра бременост
Благодетите од јогата ги имаат осетено и многу жени кои практикувале за време на деветте месеци од својата бременост. Дури и докторите се на мислење дека е идеално бремените да практикуваат јога, зашто јогата им помага полесно да ги поднесуваат промените што настануваат во тој интензивен период, како на физички така и на емотиве план. Програмата на одбрани и сигурни вежби, погодни за трите тромесечја на бременоста, на жената и дава поголема енергија, подобра подвижност, цврстина, подобра циркулација и рамнотежа. Вежбите ги ублажуваат тегобите како болката во половината и грбот, отоците во стапалата, несоницата, мачнината, проманата на расположението. Позитивно влијаат и на плодот, а јогиското дишење му донесува повеќе кислород а на мајката смиреност и отпуштеност. Со релаксацијата и медитацијата мајката учи да се одмара ефикасно, да ги сврти мислите во позитивен правец, и со своето бебе да развие однос полн со љубов и прифаќање. Многу од жените изјавиле дека од јогата имале голема помош за време на породувањето и за постпородилниот период.
Ублажување на симптомите на менопаузата
Индиските истражувачи покажаа како практикувањето на јога ги ублажува физичките и менталните симптоми во менопаузата. Налетите на бранови на топлина и нарушеното спиење значајно се смалиле кај жените кои вежбале јога 5 дена во неделата во тек на осум недели. Освен тоа се подобриле резултатите на тестирањата за помнењето и интелигенцијата, но и на способноста на концентрација и држење на вниманието. Исти сознанија имаат и истражувачи од Калифорнискиот универзитет, нивните резултати покажале дека топлотните бранови кај жените се смалуваат за 30%. Нивните испитанични покажале подобра контрола на емоциите, кои во тој период често варираат одејќи од една до друга крајност.
Жени во третата доба
Доколку е точно тоа што велат дека младоста се мери според еластичноста на рбетот, тогаш сигурно јога вежбите ќе им помогнат на возрасните да се подмладат и да ја одржат виталноста. Одбрани вежби, кои бараат умерен напор, им го раздвижуваат телото, а со положбите за рамнотежа ја одржуваат телесната и менталната стабилност и сигурност. Некои од повозрасните жени изгледаат и по десетина години помлади, а тоа произлегува од таму што јогата ги релаксира, ги ослободува од хроничниот замор, им го подобрува сонот, расположението, им ја обнова енергијата, а здравствените тегоби и психичката напнатост се намалуваат. Америчките научници (Fred Hutchinson Cancer Research Centre) на средовечните лица кои не сакаат да ја зголемат својата телесна тежина им препорачуваат да практикуваат јога. Јогата станува се попопуларна и затоа што го смалува ризикот од стрес и болестите на срцето, депресијата и високиот крвен притисок, и затоа е добро да се практикува неколку пати во неделата. Д-р. Роберт Булгарели стручњак за превентивна кардиоваскуларна медицина ја подржува идејата дека комбинацијата на медитација и контролирано дишење овозможува да се постигне складност меѓу умот и телото.
Науката јасно го докажала позитивното влијание на јогата како мевлем за телото кое треба да ги издржи сите напори во секојдневието, но во исто време таа го увидела делотворното дејство на јогата врз душата како извор на благост и разбирање, топлина и сочувство, нежност и љубов. Таа на големо се практикува и од мажите насекаде во светот и кај нас, па може да кажеме дека е подарок за сите, како можност за лично ревитализирање и личен развој.