Брзајте полека!
Брзајте полека!
Денес сите некаде брзаат. Тоа некако стана стил на живеење и кај нас. Реалност е дека современото живеење во голема мера ги зголемува потребите на индивидуата и семејството, а тоа бара поголемо залагање истите да се обезбедат, често трчајќи од една до друга работа. Многумина од нас, од различни професии секојдневно го „плаќаат“ постојаниот притисок на роковите. Сè е со рок „за вчера“, па без динамично работење невозможно е да се заврши сè на време.
Сите овие ситуации се реални и никој не може да ги потцени ниту омаловажи. Никој не може да ги одбегне. Но, прашањето е колку понекогаш брзањето ни станало навика? Колку е тоа присутно и во моментите кога не мора да брзаме?
Кога веќе не сме на секојдневната работна „рели- патека“ умот, телото и свеста едноставно не можат да го сменат начинот на функционирање. Ако и вие се препознавате во таа категорија на „брзачи“, забележете дали несвесното брзање ви станало начин на функционирање, дури и за време на викендите, на одмор, на прошетка, кога сеуште мислите на обврските, и не можете да бидете целосно со семејството, пријателите. Не можете да го направите она што би требало да е наједноставно – да бидете без обврски и да се опуштите.
Ако веќе се пронајдовте во ова „семејство на брзачи“, време е да сторите нешто што ќе ви помогне да не живеете во постојана трка со времето, во која вие сте секогаш истрчани малку пред себе си.Во настојувањето да се стигне и да се заврши сè, се претвораме во тркачи кои воопшто не ја следат состојбата на своето „возило“ – не сме свесни за ефектите од трката врз сопственото тело. Многу често нашето „возило“ покажува знаци на „прегревање“ или недостаток на „гориво“ (храна, течности,…).Но токму заради отсуството на „возачот“ кој е чекор пред себе, нема кој да ги констатира јасните сигнали што ги праќа телото.Вообичаено се случува да станеме свесни за „ефектите“ од брзањето дури откако ќе се случи некој поголем „квар“ и откажување на некој поважен дел. Ова несвесното „возење“ низ животот многу често резултира и со создавање на внатрешен емоционален неред: многу грижи, страв, несигурност, песимизам.
Кога ќе заклучиме дека сме се програмирале во состојба на брзање, крајно време е нешто да преземеме. Најдобар пресврт можеме да постигнеме со практикување на јогата, зашто таа делува холистички, на целото наше битие, на нашето тело, енергијата, умот и духот. Техниките на јога се начин за релаксирање на телото и репрограмирање умот, за нивно доведување во нормална, природна и здрава функција.
Јогата ќе ни помогне да ги увидиме моментите на брзање и преку зголемување на свесноста за самите себе и согледување на своите потреби и можности, реалните околности, потребите на другите… да ги направите работите и да минеме низ ситуациите најдобро што можеме. Во јогата не се негира потребата од брзање, но се смета дека постои поинаков начин на брзање, присутно брзање. Што би рекле големите мудри учители: брзање полека.
Техниките се практикуваат со свесни движења, координирани со дишењето. Бидејќи изведуваме позиции на телото и други техники кои не се вообичаени, вниманието лесно ни се задржува на тоа што го правиме во моментот. Самите техники ти налагаат да си посветиш внимание, ти го дефокусираат умот од грижите, истовремено „пеглајќи“ го дисбалансот на енергијата во телото настанат од брзањето и од сите други насобрани негативни чувства. После извесно време на практикување јога, нема ни да забележите како тоа полека се пресликува во секојдневието, во начинот на живеење, дури пред да забележите вие самите, на тоа ќе ви укажат домашните, колегите, пријателите.Понатаму тоа ќе го истренираме низ практикувањето на техниките на јога, дишните техники, јога нидра и медитациите кој ги работиме во рамките на часовите во Центарот за јога и личен развој, со што тоа постепено ќе ни стане одлика на личноста, на секојдневието.Свесноста може да продолжиме да ја вежбаме и додека работиме, почнувајќи од најситните и најмали работи, заклучувањето на вратата, додека сме во кола до стигнување до целта или додека го чекаме лифтот, во кратките паузи на работа или дома.
Само треба да го свртиме вниманието кон себе, да ја забележиме внатрешната состојба, да го олабавиме непотребното стегање во телото, да го забележиме дишењето и да го направиме посмирено, подлабоко.
Дали знаеме да уживаме кога немаме обврски?
Многумина го велат ова: „Да ја завршиме работава побрзо, па ќе седнеме да уживаме“. Работата ја гледаме како обврска, мака, а кога немаме работа тоа го гледаме како време за задоволство. Па, зарем не е тоа малку време за уживање?Планираме да ја завршиме работата, да постигнеме „тоа и тоа…“, да направиме уште и „она“. И после ќе уживаме? После ќе живееме? Да ве потсетам, живеењето не е поделено на парчиња, парче за работа, парче за маки и загуби, па парче за вистински живот, за радување и исполнетост. Животот е една целина. Се е поврзано, сè што е сега нè носи во она што доаѓа следно. Животот е да постоиш, постојано, со полна свест, во сè.
Зошто да сум исполнет само додека се одмарам, кога истото можам да го чувствувам и додека правам многу други работи. Многу е едноставно. Треба да си само присутен, објективен, свесен за течението на работите. Сега додека го читате ова, почувствувајте се како свест, дека читате, дека мислите. Погледнете околу себе, тука сте вие, други луѓе околу вас. Пред вас е одредена работа која треба да ја направите. Согледајте дека тоа што го правите има смисла, има своја цел. Некогаш под различните притисоци, работата може да ја гледате како проблем и стрес, но можете и да ја прифатите како предизвик кој од вас бара будност и мудрост, да ги покажете своите квалитети за да го најдете најдоброто решение. Кога умот е мирен и без паника низ свеста доаѓаат најдобрите решенија. Оние кои се занимаваат со духовност го знаат ова многу добро.
Кога правите нешто за себе, знајте дека во истото време и другите прават нешто за себе но и за вас. Прејдете го прагот на личниот интерес. Правете ги работите за добро на другите, и бидете сигурни дека и другите го прават тоа за вас, дури кога и самите не се свесни за тоа
Ако одлучите да ставите крај на забрзано трчање низ животот и почнете да работиме на себе практикувајќи јога, ќе го започнете менувањето на начинот на чекорење низ животот. И од задишаното трчање со поглед фокусиран кон целта која секогаш ни се одалечува, ќе го трансфоримирате со свесно чекорење низ прекрасните предели на животната патека, уживајќи во сите мириси и гледки кој патот несебично ви ги нуди.
Или како што велат старите мудри учители: зошто брзате кон целта, само научете да се качуваме правилно и врвот сам ќе дојде под вашите нозе.