Осум нешта што не смеете да им ги кажете на децата

Често во стресни ситуации во многу пригоди кажуваме нешта што всушност не ги мислиме. Ситуацијата е двојно опасна ако лицето на кое се „истресеме“ е сопственото дете. Во продолжение следува листа со осум реченици што никогаш не би смееле да ги кажете пред детето и совети како да се снајдете во стресни ситуации.

Зошто не си како брат ти / сестра ти? 


Доколку едно дете е споредено со својот брат или сестра, тоа може да се почувствува недоволно добро, а таков начин на комуникација може да поттикне ривалство и расправии меѓу децата. Наместо со тоа да го смирите, детето ќе помисли дека не било добро.

Совет: Прифатете дека секое дете е различно и настојувајте да не ги поттикнете на ривалство. Истакнете ги индивидуалните таленти и можности на вашето дете.

Ако не побрзаш, ќе те оставам овде! 


Најголемиот детски страв е дека ќе се изгубат или ќе бидат напуштени. Иако вие никогаш не би ги напуштиле, децата тоа не го знаат. Ваквите закани можеби ќе ви успеат еднаш, но подоцна ќе се претворат во празни зборови, кои немаат важност.

Совет: Навреме предупредете го детето дека е време за поаѓање. Обидете се тоа да го направите мирно и сталожено. На пример, може да го исклучите телевизорот и да му дозволите на детето со себе да ја понесе омилената играчка.

Почекај додека мајка ти / татко ти не дојде дома! 


Префрлањето на одговорноста на вашиот партнер го поткопува вашиот авторитет. Ваквите ситуации исто така предизвикуваат тензија. Другиот родител може да се врати изморен од работа и неподготвен за одговорноста што сте му ја оставиле, а може и ситуацијата да ја реши поинаку отколку што вие сте планирале.

Совет: Наместо префрлање на одговорноста и „закани“, соочете се со непослушното дете веднаш.

Ако бидеш лош, ќе дојде чудовиштето и ќе те земе! 


Плашењето на децата е краткотрајно решение, но исто така постои можност да го истрауматизира детето и да му наметне ноќни кошмари. Детето порано или подоцна, ќе дознае дека сте лажеле и ќе загуби доверба во вас.

Совет: Ако детето не ве послуша веднаш, приспособете се на неговото ниво. Гледајте го право во очи и смирено кажете му што сакате. Контактот со очи „вреди злато“.

Баш си лошо дете! 


Можеби мислите дека со тоа позитивно ќе влијаете на однесувањето на детето, но поради ваквото етикетирење детето ќе помисли дека навистина е лошо. Одвојте ги децата од нивните постапки. Наместо да кажете „Лош си“, кажете: „Не ми се допаѓа начинот на кој се однесуваш“.

Совет: Позитивно мотивирајте го детето. На пример, кажете му дека е толку добро, што би сакале секогаш да се однесува така.

Тоа е едноставно, зошто постојано грешиш? 


Една од најлошите работи што можете да ги направите ако детето има тешкотии во учењето, е кревањето тензија. Со ваква комуникација детето ќе го направите понервозно. Речете му дека би можело да научи подобро ако повеќе се концентрира. Ако детето згреши, поттикнете го на уште еден обид.

Совет: Немојте да се фрустрирате затоа што децата учат со различна брзина. Наместо тоа, забавете го процесот.

Никогаш да не се родеше! 


Без оглед што направило вашето дете, овие зборови никогаш не смеете да му ги кажете. Иако ретко родителите тоа навистина го мислат, ако децата поверуваат на вистинитоста на тие зборови, самодовербата сериозно ќе им се наруши.

Совет: Ако чувствувате дека би можеле да кажете такво нешто, отидете во друга просторија додека не се смирите.

Зошто никогаш не ме слушаш? 


Ова можеби ви се чини како благо карање, но ако фразата често му ја повторувате не детето, тоа ќе ја сфати како закана. Ќе стекне впечаток дека никогаш не ги прави нештата правилно и ќе престане да се труди. Ваквите прашања не ни бараат одговор од детето и нема смисла да ги поставувате.

Совет: Наместо да се разбесните, објаснете му на детето точно што сакате да направи и тоа со зборовите: “Подобро е тоа да го направиш вака“.

Преземено од „24-часа здравје“

Scroll to Top