Водство за добро живеење
- Научи да живееш во сегашноста зашто тоа е единствениот миг што го имаш. Држи го вниманието на она што е сега. Барај исполнетост во секој миг. Она што ти доаѓа прифати го целосно, учи од него, цени го и потоа остави го да помине. Сегашноста на секого е онаква каква што треба да биде. Овој момент е таков каков што е, исто како што универзумот е таков каков што е. Не противи му се на вечното уредување на работите, туку биди едно со него.
- Слушај го она што ти го кажува телото, што се изразува преку сигнали на пријатно и непријатно. Кога одбираш нешто, треба да ја следиш реакцијата на телото. Ако од телото добиваш сигнали на физички и емоционален стрес, тогаш треба да внимаваш. Ако телото праќа сигнали на удобност и пријатност, може да продолжиш.
- Овозможи си периоди на тишина, да медитираш, да го стишиш внатрешниот дијалог. Во тие мигови сфати дека си во повторен контакт со својот извор на чистата свесност. Обрни внимание на својот внатрешен живот за да можеш да бидеш воден од својата интуиција, а не од надворешното толкување за тоа што е добро а што не е добро за тебе.
- Напушти ја потребата од надворешно докажување. Самиот ти си судија на својата вредност и твојата цел е да ја откриеш својата безгранична вредност во себе, без оглед на тоа што мисли некој друг. Во реализацијата на ова лежи големо ослободување.
- Кога ќе откриеш дека реагираш со лутина или со противење на што било и на каква било околност, сфати – се бориш единствено со себе. Давањето отпор е одговор на некои стари повреди. Кога ќе ја напуштиш лутината, ќе се излекуваш самиот и ќе можеш да соработуваш со текот на универзумот.
- Знај дека светот надвор е рефлексија на твојата внатрешна реалност. Твоите реакции кон луѓето, со љубов или со омраза, се само проекции на твојот внатрешен свет. Следењето на нашите односи можеме да го искористиме како водач за развој. Целта е целосно самоспознавање. Кога ќе го достигнеме тоа тогаш она што го сакаме автоматски ќе се најде тука, а она што не го сакаме ќе исчезне.
- Отфрли го судењето, ќе се почувствуваш многу полесно. Сè може да се разбере и да се прости, но кога судиме го сечеме разбирањето и го стопираме сакањето. Во судењето на другите се крие неприфаќањето на самиот себе. Кога му проштаваш на некој, љубовта кон самиот себе се зголемува.
- Не труј го телото со отрови, било со храна, со пиење или отровни чувства. Нашето тело е носител на нашиот живот и тоа нè носи на патот на нашата еволуција. Секоја клетка од нашето тело е носител на свесност.
Замени го стравот со љубов. Стравот е продукт на меморијата што доаѓа од минатото. Кога ќе се сетиме на некоја стара повреда, треба да решиме дека таа нема да се повтори. Тоа ќе се случи кога ќе најдеме сигурност во себе, а сигурноста се изразува преку љубовта.