Тишината – звукот на внатрешното битие

Секој кога ќе посака да се одмори, психички да се растовари и да најде мир, единствено што бара е тишина. Бидејќи ние функционираме како отворен енергетски систем, кој споделува и заемно си влијае со околината, за да најдеме внатрешен мир прво ни е потребна тишина во надворешната средина.

Карактеристика на човечкиот ум е постојано да работи и да создава внатрешни бранови во форма на мисли, кои пак, активираат чувства и тие автоматски си се надоврзуваат едни на други. Бидејќи во градовите живееме сред динамична средина, опкружени со прометни улици, со врева од околните станови и куќи, со постојани звуци и вибрации од мобилните, телевизорите и од што уште не, не забележуваме колкава е активноста на умот. Само кога со намера ќе седнеме во тишина и мир, ќе забележиме колку ни е умот активен и немирен и колку е навикнат да е во таа состојба на постојано брборење.

Секој кога ќе посака да се одмори, психички да се растовари и да најде мир, единствено што бара е тишина. Бидејќи ние функционираме како отворен енергетски систем, кој споделува и заемно си влијае со околината, за да најдеме внатрешен мир прво ни е потребна тишина во надворешната средина.

Таа, надворешната тишина, ќе биде како огледало во кое ќе можеме да ја видиме тишината во себе, ќе не потсети на она што веќе го имаме во себе, во својата длабочина, во своето внатрешно битие.

Умееме ли да останеме во тишината?


За некои од нас таа изгледа празна, без содржина, неинтересна, непривлечна и одбивна, ни се чини дури и непотребна. Ни изгледа застрашувачка, не плаши зашто не потсетува на нешто празно, на ништо, затоа и ја одбегнуваме. Или пак, можеби потсвесно чувствуваме дека и во неа се крие нешто, не знаеме што е тоа, а од непознатото се плашиме. Тишината не ја доживуваме зашто не сме научени на неа. Најголемиот број од нас сме научени токму на спротивното, на раздвиженост и брзи промени. Нашиот ум преку сетилата бара шаренило од дразби, акустични, визуелни, какви било. Сакаме да бидеме стимулирани, да бидеме во постојана бура од вибрации за да можеме да чувствуваме дека живееме. Но го постигнуваме спротивното. Добиваме само носталгија кон животот и залуден обид да го досегнеме и почувствуваме.

Се уште не сме научиле – суштинското можеме да го допреме само во тишината.

Тишината се наоѓа под површниот слој на секојдневниот ум, под слојот на површните мисли, концепти, преокупации, конфликти, очекувања, амбиции, аверзии, врзаности, стравови. Во тој бучен слој на нашиот ум, иако се обидуваме, не можеме секогаш и лесно да ги согледаме работите. Таму ни се чини дека работите се „такви“. Кога остануваме само во ова ниво на нашиот ум, нормално е понекогаш да се почувствуваме збунети, тешки, загубени и празни, зашто сме го запоставиле духовното, веројатно затоа што никој не ни укажал дека тоа е важно. Но животот, како што е устроен, ќе најде начин повторно да не врати кон духовното.

Во практиката на јога развиваме соодветен однос кон своето духовно битие. За да допреме до него, потребна е тишина. Не толку надворешна колку внатрешна. Би помислиле дека надворешната тишина, околната мирна атмосфера е условот за понирање во себе и за внатрешна комуникација, за престојување во себе, за чувствување на она што се случува во нас, за осознавање на самите себе.

Но тишина значи умот да не се впушта во давање коментари и судови, внатрешно да не брбори, да не одговара импулсивно на надворешните дразби. Место тоа, да е буден, спокоен, утврден во моментот, тука и сега. Таа внатрешна тишина може да се опише и како будна присутност. Како состојба на наслушување.

Како што вели еден учител, кога умот ќе се смири, кога ќе стане тивок и мирен, станува многу моќен. Станува рецептор на блаженство и мудрост, совршен инструмент. Животот станува спонтано течение и израз на радост и среќа. Сето тоа надоаѓа природно кога умот е во состојба на внатрешна тишина. Но таа внатрешна тишина никогаш не може да дојде кога има непрекинат тек на вознемирувачки мисли и променливи емоции. Сета внатрешна врева од мисли и емоции треба да се стиши за да може да се доживее звукот на вратрешната тишина на постоењето.

Не е лесно да се постигне и да се одржи ментална тишина кога веќе со години сме го тренирале умот да функционира на спротивен начин. Во нас е длабоко вкоренета таа шема на дејствување. Навикнати на тоа, така функционираме секогаш, па дури и кога се рекреираме и одмораме. Често во моменти на одмор телевизорот или музичкиот систем ги оставаме вклучени, не ги следиме, но нивната врева ни е потребна.

Штом нешто е подложно на влијание и на навика, има простор да размислуваме за негово преиначување и трансформација. Прво треба да сфатиме дека нештото го правиме од навика, дека тоа не е еднаш засекогаш дадено да биде така. Се што ни е на располагање во животот е подложно на промена, колку и да ни изгледа дека се е цврсто и трајно. Значи, во многу работи можеме да се „истренираме“, да се пренавикнеме, но само ако го знаеме начинот и имаме решителна истрајност и вера дека ќе успееме.

Јогата со сигурност е еден од начините, кој низ вековите ја докажал својата ефикасност. Со неа можеме да ја најдеме смислата на тишината, умот полека ќе ја усвои таа состојба да седи во мир и тишина и тогаш ќе се почувствуваме себеси дека сме тука, дека дишеме, дека постоиме.

До смалување на менталната врева ќе не донесат релаксацијата, јога-нидрата и медитациите. Кога таа ќе се намали, себеси и животот ќе се искусиме поинаку во позитивна смисла, пополно, поживотно.

Кога одиме на часот по јога, вревата не треба да ја донесеме во просторот за вежбање. Не треба да брбориме за неважни работи, не треба да мислиме дека комуникација е само зборување со другите, што било, само да не молчиме. Кога доаѓаме на час по јога, умот треба да го ослободиме од кругот на исцрпувачката ментална брбливост.

Привремено треба да оставиме се настрана и да го побараме просторот на тишината во себе. Единствено таа ќе не одмори, ќе ни ги обнови силите, ќе даде простор за спознание и чувствување на себеси и божественоста.

Во духовната практика познато е дека само во внатрешната тишина се проникнува до суштината на работите, таму стекнуваме увид во нештата и себеси такви какви што се и какви што сме.

Нашиот креативен потенцијал е во внатрешната тишина. Кога умот е во длабока смиреност, прибраност, со јасна идеја и насоченост кон таа идеја, се ослободуваат и протекуваат креативните сили во создавачки чин, и произлегуваат чинови, дела во кои има „душа“, во кои има енергетски потенцијал.

Тишината е моќна. Се е создадено од тишината.

Според зенот, во уметностите подготовката за изведба на некое дело се врши во контемплативен мир, кога човекот се опушта и ги изедначува сите свои сили.

Тогаш постигнува прибраност и присебност без кои не може да произлезе ниту едно вистинско дело. Тоа треба да личи на „намерна“ потонатост во својата работа, во која „ненамерно“ се оди во пресрет на моментот кога делото Ќе се оствари само од себе.

Големиот Рамана Махариши во една своја книга за тишината напишал:

„постојат четири вида тишина: тишина на говорот, тишина на окото, тишина на увото и тишина на умот. Само последната тишина е целосна и најважна. Само тишината е вечниот говор, единствениот збор, говорот од срце до срце.

Подучувањето во тишина е највисокото подучување, како што правел Дакшинамурти. Тоа е највисокиот, најсовршениот вид иницијација. Таа го прочистува поединецот во секој поглед и го стабилизира во Стварноста.

Scroll to Top