Чудесните пораки од водата

Светот во кој живееме е чудесен. Штета што сме наштимани да го гледаме обично, како веќе да го знаеме. Покрај духовните практики, кои ни ги отвораат очите и ни ја подигнуваат свеста за да се видиме себеси и постоењето потполно, и работата на научниците и истражувачите оди во прилог на тоа да се спознае светот подобро.
Како што кажуваат научниците од областа на квантната физика, целиот материјален свет, сето она што гледаме, целиот Космос во основата е вибрација. Нашите мисли, зборовите, чувствата, искажани или напишани се вибрација, кои како такви лесно се пренесуваат во околината. Правени се многу експерименти од оваа област. Посебно внимание заслужуваат истражувањата на руските научници и д-р Масару Емото, чија преокупација е водата и влијанието на околината, мислите и однесувањето на луѓето врз неа.

Водата реагира на мислите

Д-р Емото на светот му покажа дека водата има уникатна улога да прими информации од околината и да ги пренесе. Тој ја истражува важноста на зборовите и нивното потекло, и нивното влијание врз водата.
Неговите интересни сознанија можеме да ги искористиме во своите животи за да имаме придобивка од позитивната вибрација, која може да ни ги подобри односите, комуникацијата и здравјето.
Делото на Емото обезбедува научни докази засновани врз факти дека вибрирањето на човечката енергија во мислите, зборовите, идеите и музиката, влијае врз молекуларната структура на водата која сочинува повеќе од 70 проценти од телото на еден возрасен човек и која во истиот тој процент ја покрива нашата планета.
Водата е изворот на севкупниот живот на оваа планета и нејзиниот квалитет и интегритет се суштински значајни за сите форми на живот. Нашето тело кое личи на сунѓер е составено од трилиони единици наречени клетки. Тие во себе содржат течност, а квалитетот на нашиот живот е директно поврзан со квалитетот на таа вода.
Водата е супстанција која лесно ја менува својата форма. Таа ја зазема физичката форма на средината во која се наоѓа, но, како што покажуваат истражувањата на Емото, енергијата или вибрациите од околината можат да ја променат молекуларната структура на водата. Значи, водата не само што има својство визуелно да ја одрази околината туку ја одразува и молекуларно, преку својата структура.

Кристалите на Емото

Д-р Емото има направено илјадници фотографии на кристали од замрзната вода. Тој открил фасцинантни разлики во кристалната структура на водата земена од различни извори и состојби во кои таа се наоѓа на планетава. Водата од чистите планински потоци и извори има убаво формирани геометриски кристални форми. Загадената и токсична вода од индустриските и населените места и застојаната вода од водоводната мрежа и браните формира кристали чија структура е видоизменета.
Но тој не фотографира кристали само од примероци на вода од различни извори. Тој со соработниците на стаклени шишиња ставале налепници со печатени зборови, за да видат како влијаат мислите и зборовите врз формирањето на водните кристали. Водата од различните шишиња била замрзната и фотографирана. Кристалите што ги забележал потоа ни откриваат чудесни разлики.
Овие фотографии ја покажуваат неверојатната природана водата, која има висок степен на одговор на секоја наша емоција и мисла. Прилично е јасно дека водата лесно ги прима вибрациите и енергијата од својата средина, без разлика дали е токсична, загадена или природно чиста.
Д-р Емото ни покажа дека нашите мисли и чувства се совршена алатка. Ни даде докази дека можеме да се лекуваме и трансформираме себеси и нашата планета на позитивен начин со помош на мислите кои избираме да ги мислиме и да ги насочуваме.
Кога одредена вода ќе биде изложена на позитивен збор како што е Благодарам, и примерок од истата вода изложена на негативен збор како Глупав, двата примерока на вода ќе формираат различни кристали. Кристалот на Благодарам е правилен и убаво формиран, додека на кристалот на Глупав е деформиран и скршен. Енергијата на зборовите се рефлектира на формирањето на кристалите, и тие се прекрасни или неугледни и грди.
Прекрасни кристали се формираат кога на водата ќе и се стави налепница со позитивни зборови како љубов, вистина, хармонија, ангел, сочувство, среќа, пријател, вечен, надеж. Или кога тие зборови ќе и се кажуваат на водата.
Или Ти си прекрасен, Ти си убава, Добро направи. Потоа кога и се упатуваат молитви, кога и се читаат будистички сутри и сл.
Кога користеле исти зборови на различни јазици, бидејќи зборовите имаат различна вибрација, формираат различни убави кристали. Прекрасни кристали се формираат кога и се ставаат налепници со имиња на свети луѓе.
Потоа, кога водата била изложена на музика од Бах и Моцарт, на пример.
Истражувал дали постои разлика во случаите кога едно лице се моли за водата и кога се моли цела група. Забележал дека кристалната структура на водата ја одразува вкупната вибрација на групата, а кога едно лице се моли, се одразува енергијата или намерата само на тоа лице.
Ефектот може да биде помоќен ако едно лице се моли со длабоко чувство на јасност и чистота, отколку група луѓе кои во својата намера не покажуваат кохезивност.
За разлика од нив, негативните зборови, деструктивните личности низ историјата, некои агресивни правци во музиката не формираат кристали, или пак формираат разбиени кристали или некои форми кои делуваат грдо и непријатно, исто како што звучат.

Шестаголна структура

Она што паѓа во очи е тоа што позитивните зборови формираат кристални структури, кои сите во својата основа имаат шестаголна структура. Д-р Емото смета дека во текот на нашата еволуција сме научиле кои звуци се опасни, кои се смирувачки и значат сигурност, а кои звуци означувааат задоволство, и така натаму. Ова сме го научиле со помош на инстинктите и низ искуството.
Тој објаснува дека структурата на целата еволуција во природата, од информативна гледна точка, се засновува врз шестаголната форма. Причината за формирањето на шестаголната форма бездруго е поврзана со хемиските реакции на прстените на бензенот. Верува дека сите нешта на кои им недостига шестаголната структура (нештата кои се вештачки создадени), не се во согласност со законите на природата и содржат деструктивни вибрации.

Љубов и благодарност

Во своите истражувања д-р Емото открил кои зборови даваат најголем ефект при чистењето на природните води во светот – “Постои посебна комбинација која изгледа како да е совршена за ова, тоа е љубов плус комбинација од благодарност и разбирање.
Не е доволно само едното од нив. Љубовта треба да се засновува врз благодарност, а благодарноста врз љубов. Овие два збора заедно ја создаваат најважната вибрација. Знаеме дека водата се опишува како H2О. Ако љубовта и благодарноста ги гледаме како пар, благодарноста е H а љубовта е О.
Водата е основата која не само што го поддржува туку и го овозможува постоењето на животот. Според моето разбирање на концептот на јин и јанг, на истиот начин како што постојат едното О и двете H, нам исто така ни треба еден дел од јанг/љубов и два дела од јин/благодарност, со цел да постигнеме еднаквост на равенката. Љубовта е активен збор, а благодарноста пасивен. Кога помислувате на благодарност, комбинација од почитување и заблагодарување, постои еден извинувачки квалитет
Затоа веруваме дека луѓето што одат по спиритуалниот пат, промовираат мир кај другите луѓе и на планетава. Кога би можеле да се обединиме на тоа ниво на свесност, тогаш би успеале. Чувствувам дека мојата книга му даде на целиот свет една убедлива порака затоа што знам дека таа се роди преку кан-сха за човештвото.
Најискрено се надевам дека овие информации ќе ве мотивираат да внесете значајни промени во својот живот.”
Scroll to Top