Предновогодишно дружење

Крајот на годината е време на прослави, дружење, подготовки за празниците. По повод заокружувањето на 2009 година и истовремено очекувањето на новиот годишен циклус пред

нас, нашиот Центар организираше две средби за членовите кои ги посетуваат часовите на двете локации, во Аеродром и Капиштец.

Првата средба се одржа на 26 декември во ресторанот за макробиотика, Хармонија, на која дојдоа околу четириесетина членови. Поздрав им упати Весна Алексовска, под чие водство работи Центарот: „За нас оваа година беше успешна. Од јануари до декември курсевите ни ги посетија околу 540 практиканти, вклучувајќи ги децата и нивните родители, возрасните од претпладневните часови, бремените жени, членовите од сите нивоа. Посебно ме радува што го инициравме Митко посериозно во наставата, и тоа што Лазар презеде водство на почетна група во Капиштец…“

Со пријатна музика во позадина Елена Конеска, Елена Граматиковска и Лазар Ѓуров ни овозможија пријатни мигови читајќи стихови од наши познати поети и од Мајка Тереза.
После овој прекрасен „аперитив“ уживавме во меѓусебното дружење и вкусната храна приподготвена во ресторанот.
На 27 декември се одржа сатсанг во просториите на Центарот. Во пријатниот амбиент проткаен со духовност, спокој, отвореност, седнати во круг присутните споделија свои мисли и искуства, прашања околу практиката, за духовната реализација како крајна цел во јогиската практика.
Медитацијата која следеше ја посветивме на сите живи суштества на планетава, праќајќи им љубов, посакувајќи им најголемо добро и благосостојба.
Енергијата што проструи низ нас посакуваме да е трајно присутна за да ги храни нашите срца и да ни дава сила да простуваме и да се носиме со предизвиците кои ќе ни ги донесе следната година.
„Како може да спасиш капка од исушување?“ е прашање кое се провлекува низ филмот „Самсара“, кој го видовме истата вечер. Одговорот на ова прашање е најден на крајот на филмот во кој се прикажани целосната посветеност, дилемите, искушенијата и тешкотиите со кои се сретна еден тибетански будистички монах за време на својот животен пат.

26.12.2009, 27.12.2009

26.12.2009

Ресторан за макробиотика „Хармонија“ и

27.12.2009

Центар за јога и личен развој, Капиштец

Scroll to Top