Јога за бремени
Хармоничен почеток за животното патување
Сите луѓе на овој свет сме дојдени преку деветмесечното патешествие во утробата на својата мајка. Зачнувањето и развојот на новото суштество веројатно е највосхитувачкото и најмагичното нешто во космосот. Од две клетки да се развие така совршено суштество! Вистинска магија на творецот.
Периодот на бременоста е важен и за мајката и за бебето. Во својот внатрешен свет, во стомакот на мама, малото бебенце добива сѐ што му е потребно за да порасне и да се подготви за напуштање на својата прва “детска соба”. За мајката не е само важно бременоста да протече безбедно и без компликации, туку и да е во позитивна психичка состојба за да може со чиста љубов и потполно прифаќање да го дочека новодојденото. И науката докажала дека бебињата уште во утробата слушаат и ја чувствуваат состојбата на мајката. Замислете што сѐ може да се регистрира во свеста на тие ангели, а што понатаму ќе биде темел за нивниот психички развој! Затоа идната мајка треба да си посвети соодветно внимание за време на целата бременост за да се одржува во телесна и психичка хармонија.
Идеална подготовка со јогата
Бременоста е посебен периодот за секоја жена. Тогаш ѝ се будат сите квалитети на женственоста и ги искусува најблагородните форми на радост и љубов. Овој период на блаженство знае да биде пропратен со очекувања, неизвесност и страв од болка при породувањето, што како мит се шири ме|у младите идни мајки.
Но може да биде поинаку. Јогата се покажала како идеална подготовка за породувањето. Искуството покажало дека жените кои практикувале јога за време на целата бременост или дел од бременоста се чувствувале многу подобро, ја уживале бременоста, се ослободувале од вообичаените тегоби, и со позитивни мисли и чувства го очекувале чинот на породувањето.
Јога во бременоста од лично искуство
„Имав две бремености и две породувања со царски рез. Сакав во двата случаја да го почувствувам самиот чин на породување, но, за жал, објективно беше невозможно. Менталните јогиски техники ми помогнаа да го пребродам „жалењето“ поради начинот на породување.
Не треба да постои заблуда дека жените што практикуваат јога ќе го поминат безболно породувањето. Болка има, но верувам дека е тоа слатка болка. Сѐ зависи од ставот што го имаме кон болката и од нашата поврзаност со сопственото тело, затоа што тоа ни кажува што, кога и колку му треба.“
- Орхидеја Златкова-Коцарева, инструктор по јога
„Јога практикував и пред да забременам. А во периодот на бременост таа ми помога за максимално и длабоко чувствување на новите промени што се случуваат во организмот. Од месец во месец, со прогресијата на бременоста, ефектите од јогата се чувствуваат поинтензивно и стануваат нераздвоив дел од целиот процес. Речиси воопшто не чувствував физички тегоби, промената во изгледот ја прифаќав позитивно и природно.
Смирувачките јогиски техники за дишење и релаксација, а најверојатно и самата посебна состојба, спонтано ми помагаа да немам никакви негативни мисли. Дури и да ми доа|аа напати, или да сум пред искушение да ме опфати нервоза, анксиозност, вознемиреност во секојдневните ситуации на работа или дома, просто таквите чувства не ме понесуваа, се траеше кратко или не ме вознемируваше.
Но најубавиот момент од сѐ е постојаното чувство за плодот што го носите во вас кое ви го овозможува токму јогата. Преку техниките за релаксација, втонување во себеси и контакт со секој дел од вас, воспоставувате взаемен однос со плодот и тоа чувство дека тој учествува во сѐ што ви се случува, во сѐ што правите за негово добро е нешто исклучително, особено кога ви сѐ чини дека вибрациите ви се взаемни.
Што се однесува до најнепријатниот момент за секоја идна мајка, а тоа е моментот на породувањето, кај мене тоа вообичаено чувство на страв не беше изразено, речиси да не постоеше.
Ми се чини дека сите оние кои првпат ќе се сретнат со јогата во периодот на бременоста, заедно со детето што ќе го донесат на свет добиваат две најзначајни нешта кои ќе ги облагородат за цел живот.“
- Мирјана Саревска
Како јогата помага во бременоста?
Атмосферата во која се одвиваат часовите по јога е смирена и поддржувачка, и на жената ѝ обезбедува она што ѝ е најпотребно, да не биде вознемирувана, и во потполн мир и сосредоточеност да е во контакт со своето тело и плодот. Одбраните техники се групирани така да бидат погодни за трите тромесечја на бременост.
Вежбите даваат подобра подвижност и цврстина, подобра циркулација низ целото тело, чувство на рамнотежа и исполнетост со енергија. За време на бременоста тие се „добар пријател“ на идната мајка кои ќе ѝ помогнат да си ги намали пропратните тегоби, како болка во половината и грбот, отоците на стапалата, несоницата, мачнината, променливото расположение. Ако мајката се чувствува добро и на плодот ќе му биде добро. Длабокото јогиско дишење и другите смирувачки дишни техники ја опуштаат жената, и донесуваат повеќе кислород и во неа и во плодот. Со релаксацијата и медитацијата мајката учи да се одмара ефикасно, да ги сврти мислите во позитивен правец, и со своето бебе да развие однос полн со љубов и прифаќање.
Позитивните ефекти доа|аат од самите техники, но и најмногу заради начинот на кој се практикуваат. Жената е целосно вклучена во вежбањето и свесно ги хармонизира активноста на телото, умот и дишењето. Кога таа ги изведува вежбите, своето внимание и дишење ги насочува и ускладува со движењата на телото.
Имање свест за дишењето и контролата на дишењето за време на раѓањето се предуслови за контрола на болката и пократкотрајно раѓање.
Фокусираноста на телото за време на вежбите на жената ѝ дава сеопфатен осет за нејзиното тело, за тоа каде има затегнување, крутост, болка, напнатост кои со помош на дишењето може да ги смали и ослободи. Кога жената е извежбана да забележи што е она што се случува во нејзиното тело тогаш спонтано за време на породувањето соодветно ќе одговори на контракциите, а ќе има и добра соработка со акушерот и докторот кои ќе ја водат во процесот.
Изведувањето на положбите со присутност, со свесност, создава состојба на смиреност. Кога бремената чувствува внатрешна бистрина, нејзината самодоверба расте. Кога се чувствува мирна, нејзината вознемиреност во врска со породувањето се смалува.
На јога големо внимание се обрнува на нејзиното психичко смирување и насочување на умот да мисли и очекува позитивно. Свесната подготовка дека сè ќе биде добро, дека детето што ќе се добие вреди извесна болка која мајката како благодарност и влог ќе ги даде, ќе ѝ го подготви и телото и умот за предизвикот да стане мајка и на породување да помине поспремно и полесно.
Да се биде родител е голема мисија за возрасните, а мајката треба да е „добра почва“ на која може да се развие и израсне нов плод, која понатаму трудејќи се да го даде најдоброто за своето дете, и самата ќе продолжи да расте.