Еликсир за современото живеење

Јогата е една од најважните и најхолистички науки за човекот. Верувам дека секој оној што навлегол во неа, дури и да престанал да ги практикува нејзините техники, блесокот која таа го предизвикала кај него никогаш не згаснува. Зашто јогата не се само техниките, таа е порака која, ако сме отворени, стигнува длабоко во нас каде полека го отвара нашето срце.

Ова е време кога спомнувањето на зборот јога веќе не предизвикува никаква збунетост и чудење, па најголемиот број луѓе знаат, ако не повеќе, дека таа е „добра за здравјето“ или дека е „одлична за отпуштање и концентрација“. Дури и наједноставни и најкратки информации за јогата се доволни ако успеат да нè мотивираат да почнеме да ја практикуваме, а таа самата понатаму, преку практиката ќе нè воведе во еден богат свет.  Еден свет кој го носиме –  но не сме доволно свесни за него, кој го користиме – но делумно и често неправилно. Тој богат свет сме самите ние.

Јогата е за оној што сака да направи нешто добро за себеси, за своето здравје и за својата лична среќа. Тоа е процес на хармонизирање на телесните функции, енергетските структури и деблокада на сето она што е потиснато на ментален и емоционален план, што ќе ни помогне да се прочистиме и ослободено да си ги исполниме своите должности и животните цели.

Постојат различни видови јога (раџа-јога, хата-јога, џнана-јога, бакти-јога, карма-јога и други), а со секоја од нив човекот учи да развие и усоврши одреден аспект од своето битие.

Покрај покомплексното значење на феноменот на  јогата, нејзини најчести синоними се медитацијата и телесните и дишни вежби. И најчесто со нив се почнува. Нивното практикување ќе нè смири, ќе нè научи на една помирна динамика која полека ќе стане наша одлика во секојдневното функционирање. Ќе го најдеме посакуваниот мир и ведрината, кои ни го одржуваат духот на високо ниво и ни помагаат да одржиме позитивни ставови и во тешките моменти во животот. И уште повеќе, искуството во јогата нè прави помудри, да може да препознаваме, да проценуваме самите што е корисно за нас и да развиеме доверба во својата интуиција, во својот внатрешен глас кој секогаш ни помага да ги направиме вистинските избори.

Јогиските техники и нивното делување 


Има повеќе видови на техники кои вообичаено се работат во комбинација за да се постигне целосен ефект од вежбањето. Има вежби за телото, умот и дишењето што значи дека тие го ангажираат човекот во целина. Вежбите се изведуваат со внимание, со свесна контрола, со контрола на дишењето и напрегањето. Така вежбањето не нè заморува, напротив ни ја подига енергијата на повисоко ниво.

Асани – телесни положби 


Практикувањето на овие положби му се од голема помош на современиот човек кој се движи малку, а секојдневно е изложен на напори и стрес. Тие му го ослободуваат телото од крутоста, го прават подвижно, полно со енергија, издржливо и подмладено. Слабиот  организам го зајакнуваат, а напнатиот го отпуштаат и релаксираат. Балансот во отпуштеноста и активноста на телото е една од целите на јогата. Бидејќи ја подобруваат циркулацијата на крвта и ја балансираат виталната енергија во телото, по нивното вежбање се чувствуваме лесно, прочистено и расположено.Секоја од овие положби има специфично дејство. Доволно е да се каже дека веќе одамна и во современата медицина асаните, како и другите техники, се користат за да се подобри состојбата кај различни здравствени нарушувања како што се астмата, срцевите заболувања, високиот крвен притисок, дијабетисот, лошата циркулација, дигестивните проблеми, менопаузата, предменструалниот синдром и др. Големо олеснување и корекции постигнуваат и оние со рбетни деформации, сколиоза, ревматизам, остеопороза.

Пранајама – техники за контрола на дишењето и енергијата 


Често пати се случува заради нив некој да почне да практикува јога. Но проблемот со дишењето не се решава само со техниките на дишење, туку и со асаните, релаксациите и медитацијата кои нè прават телесно и ментално релаксирани, а дишењето ни го смируваат и продлабочуваат.Целта на овие техники е да научиме да дишиме правилно, да развиеме контрола на дишењето со што ќе развиеме контрола на енергијата и на менталните процеси. Секоја од овие техники ни дава посебен ефект, некои ги чистат дишните и енергетските текови, други ги урамнотежуваат, а трети пак, со вибрација создаваат ментална смиреност. И, генерално нè полнат со повеќе животна сила.

Шаткарма – постапки за прочистување 


Едноставни и посложени постапки со кои се отстрануваат наталожените токсини од телесните празнини, дигестивниот канал, носните канали, дишните патишта итн. Некои од нив се работат повремено, а некои во состав на секојдневната јога-програма. Овие техникиго прават телото поздраво и поотпорно.

Релаксација 


Способноста за брзо и ефикасно отпуштање, несомнено е една важна придобивка за секој човек. Тоа во јогата се учи со техниките на постепена релаксација, во кои свесно се ослободуваме од заморот и напнатоста поминувајќи го целото тело дел по дел, а постигнуваме длабока релаксација на телесен и психоментален план. Со овие техники се активира парасимпатичниот нервен систем за да се постигне нервна рамнотежа. Резултатот од овие техники е многу пријатно чувство, емоционална растеретеност, позитивно расположение, подготвеност да се извршат обврските и да се живее животот со оптимизам. Посебно се корисни за луѓе под стрес, луѓе со висок крвен притисок, срцеви заболувања и воопшто за оние кои страдаат од психосоматски заболувања.

Медитација 


Контактот со самиот себе е најважен, а тоа најдиректно се остварува во техниките на концентрација и медитација. Концентрацијата се „тренира“ со различни техники. А таа ќе ни помогне да доживееме состојба на медитација. Во медитацијата ги откриваме и ги ослободуваме ограничувањата на умот, стекнати или наметнати, а тоа полека ќе ја ослободува заробената енергија во нив и ќе почнеме да се доживуваме посуштински откривајќи ги универзалните духовни вредности – несебичната љубов и сочуството. Овие највисоки вредности сè повеќе ќе стануваат дел од нашата личност и од секојдневното живеење и ќе нè потикнат да се стремиме кон повисоки спиритуални цели.

Јогата како квалитет во живеењето 


Кога покрај вежбање јога, ќе почнеме да ја применуваме јогата во секојдневието, сме отишле чекор понатаму. Со поголемата будност за себе и своите реакции ќе се сфатиме подобро себеси, но и другите, ќе почнеме да разликуваме што е она што ни носи вистинско задоволство и исполнување, а што е тоа што нè оддалечува од тоа. Научуваме дека најдобар начин да се заштитиме себеси од некорисни и негативни мисли е да одржуваме позитивен став во себе. Дека простувањето ни носи смирување, зашто колку повеќе бараш грешки кај другите, толку повеќе самиот стануваш надразнет, т.е. дека постојаниот критички став, ни наштетува најмногу на нас самите. А ако успееме да станеме порелаксирани и попозитивни, светлината на нашиот дух ќе направи проблемите да ни изгледаат полесни и решливи, а животот полн со смисла.

(Списание „8-ка“ бр. 4)

Scroll to Top