Спознавање на неискористените потенцијали

Иако голем број луѓе на јогата гледаат како на “релаксација за два пати неделно” таа е начин на размислување и гледиште кон надворешниот свет. Нејзината најважна цел е човекот да се доживее себе си во својата изворна форма, а за да го постигне тоа треба да се извежба себе си да биде во состојба на “тука и сега”. Практикувањето на јогата нé релаксира, ни го смирува нервниот систем, а со техниките на медитација можеме својот ум да го ослободиме од непотребните грижи, стравовите и врзаностите што ќе ни ја ослободи енергијата.Дава чувство на спокојство и можност за зголемување на свесноста, која е спремна да продре подлабоко во откривањето на нашата поврзаност со останатиот дел од видливиот и невидливиот свет околу нас. Целта на јогата е да постигнеме состојба на обединетост, на среденост, зошто работите внатре во нас се наоѓаат на вистинското место

Ако умот го сфатиме како компјутер тогаш јогата и медитацијата би биле антивирусна програма – чистач од опасни мисли кои може да го заразат целиот систем и да го доведат во конфликт. Вирусите како омраза, обвинување на другите, песимизам, мисли од типот “само мене ми се случуваат вакви работи” треба брзо да се препознаат и избришат.

Дел од постапката за чистење од “вируси” е човекот да си постави неколку прашања, како: “Што е тоа што ми се случува само на мене?” Одговорот бргу ќе го добијам само ако реално погледнам наоколу. Веднаш ќе забележам дека не сум ни во подобра ни во полоша ситуација од повеќето. А зошто и да се споредувам со другите кога секој од нас е оригинален и на секого работите му се случуваат со причина која важи само за него. За што се криви другите? Зошто да се оптоварувам себе си со обвинувања и распнувања на некој, па дури и да е виновен за некоја постапка. Најдобро е да согледам со кого имам работа, да се тргнам чекор на страна, да прифатам и допуштам другите да се поинакви, да не судам и по можност да простам. И зошто омраза? Зарем не сакам да сум среќна, да се чувствувам убаво, радосно, расположено. Омразата, па дури само и кон еден човек ни ја поништува љубовта, спокојството и здравото расудување кои на животот му ја даваат вистинската боја.Некои луѓе се во постојана кавга со животот, ги гледаат животните ситуации само како пречки кои имаат за цел да ги срушат, а не како предизвици низ кои може да растат, да ги согледаат своите блокади, стравови, комплекси.Со прифаќањето на ситуациите како животни станици на кои можеме да ја промениме линијата на своето движење ќе ја реализираме и целта на животот – да учиме, да го надминуваме незнаењето и страдањето, да се држиме до вистината, да ја реализираме својата вистинска природа од бога дадена.

Но дали современиот човек може да ја оствари таа цел?Проблемот е што денешниот човек си поставува многу материјални цели во животот кои едвај стигнува да ги реализира, па мора во нив да ја вложи целата своја енергија и време. Најчесто луѓето не се свесни колку се заглавени во претставата која си ја створиле за тоа како треба да им тече животот, со веќе искреирано сценарио и доделени улоги, не оставајќи доволно место за своите духовни потреби, својата внатрешна слобода и личен избор. Со јогата современиот човек може да го фати кормилото на животот во своите раце, да го одржи “бродот” стабилен низ секојдневните бури и повремено да го насочува во помирни води, за таму да види каде е и каде сака понатаму да плови.Човекот ќе успее ако, како прво, има силно чувство дека сака, дека може и дека ќе биде упорен во тоа да направи нешто добро за себе. А потоа доаѓа практикувањето на јога техниките и медитацијата.

Постојат различни практични техники (асани, пранајама, банди, мудри, шаткарма) кои ни ја подигнуваат свесноста за нашето тело и за процесите што се одвиваат во него, за начинот на кој функционира нашиот ум, за емоциите и природата на енергијата во нас. Потоа различните видови медитација кои ни го прават умот поконцентриран и смирен, за потоа да можеме со јасно согледување да ја видиме убавината и длабокиот космички мир зад ограниченоста на нашето его.

Причини кои најчесто ги спречуваат луѓето да вежбаат и напредуваат во јогата се болеста, нерешителноста, сомнежот, запоставувањето на практиката, мрзливоста, неможноста да се согледаат работите такви какви што се и друго.Тоа се облици на емотивна несреденост кои, како што се објаснува во Јога сутрите, прават човекот да чувствува општа непријатност, незадоволство и вознемиреност. Од овие пречки човекот никогаш не може да биде потполно ослободен. Но и покрај нив ако имаме љубов кон јогата и сакаме да работиме со себеси, секогаш на нашиот пат ќе се најде нешто или некој кој ќе ни помогне да продолжиме.

(„24 Часа – Здравје”, септември 2008)

Scroll to Top