Трансформирање на емоциите и подигнување на животната енергија
- Низ очите на еден учесник:
„Секој од нас има капацитет да си го направи сопствениот живот попријатен. Покрај извршувањето на своите должности, тој ни е даден и да се радуваме, да сакаме, да сме среќни.“
Во прекрасната природа и преубавото време
се обработија темите:
– Емоциите – стаклените нозе на нашата среќа
– Нашиот енергетски систем – психички средишта
– Акумулирање животна енергија со помош на медитација
Покрај предавањата беа реализирани и
практични работилници на тема:
– Пранајама – дишењето како чистач и енергизатор
– Како правилно да ги изразиме своите емоциите?
- Програма
Предавања, работилници, консултации, јога-нидра, практични часови, дневни и ноќна медитација, прошетки во мона (внатрешна тишина).
Интензивната програма ни донесе смиреност, внатрешно прочистување и радост и ни даде поддршка да го продолжиме својот секојдневен живот со поголема будност и спокојство.
- Искуства од семинарот
„На семинарот владееше атмосфера на чистота и светост, како за време на предавањата така и за време на другите активности.
Предавањата и суштината што беше изнесена во нив беа толку добро осмислени, а начините како да работиме тешко може да ги најдеме во некоја книга на тој начин поедноставени.
Пред овој семинар чувствував потреба од одредено знаење за емоциите, се прашував како да се поставувам кога се појаваат емоции кои не ги сакам и како да се поставам кон другите луѓе. На семинарот станав свесна дека емоциите кои се јавуваат во нас се енергија, а за тоа доста се говореше. Кога се јавуваат негативни емоции чувствуваш како да се буди некоја енергија внатре во тебе и се манифестира на одреден начин. Обично емоциите ги припишуваме на ситуации кои не ни одговараат или обвинуваме некој друг дека не налутил или направил нешто што не би требало да го направи и на тој начин уште повеќе си го комплицираме животот.
На семинарот дојдов со огромна желба да научам како да се справам со емоциите кои спречуваат да излезе на површината мојата вистинска природа. Работата со емоциите ме интригира од самиот почеток на бавење со јогата. Кога сакаш да разрешиш некои суптилни работи во себе потребни се прецизни инструкции, зашто ние што работиме на себе ако не сме добро упатени може да се случи работите да ги перцепираме поинаку, па може и погрешно да работиме.
На семинарот на мое воодушевување ги најдов одговорите и ги сфатив насоките во она што беше изнесено за енергијата, за мислите, за блокадите на енергијата. Најдов каде треба и како треба да работам, но за овие посложени практики ни треба време да ги усвоиме вистински.
Темите во јогата се поврзани меѓу себе, и прифаќањето кое беше тема на претходниот семинар беше еден добар вовед и многу важен дел од работата со емоциите.
Останав збунета со толку многу чувства во себе, но во исто време и задоволна, бидејќи штом нешто излегува на светлина ќе може и да го трансформираме. “
- Менче Пројкоска, Скопје, преведувач
„По овој семинар секој ден е убав. На сите им посакувам убав ден, себеси си посакувам убав ден. Сè е поинаку, начинот на кој разговарам е поинаков. Јас сум почетник и знам дека е рано за некои работи. Сè уште сум темпераментна, избувлива, но свесна сум за чувствата и истражувам, ги барам причините зошто се чувствувам така.
Во јога-нидра дознав што е она што длабоко го посакувам. Се изненадив од себеси, дознав толку многу за себе.
Имам чувство на некој внатрешен мир, но тоа не ме прави да бидам пасивна, брзо реагирам на ситуациите што се непредвидливи, размислувам. Животот ми доби поинаков тек.
Ја засакав природата. „Птицата пее за тебе, природата те разбира“ и навистина е така. По овој семинар, обожавам да бидам во природа, да шетам, да бидам присутна во себе, да ги слушам птиците, да уживам во денот.“
Maja Ѓорѓевска, Тетово, студент
Дводневен семинар
13 и 14.07.2009
хотел Градче, Кочани
Под водство на Весна Алексовска