Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Што е јога?

ПОМАЛКУ СТРЕС, ПОВЕЌЕ СПОКОЈСТВО

Share

ПОМАЛКУ СТРЕС, ПОВЕЌЕ СПОКОЈСТВО

Животот денес ни создава многу ситуации за стрес, и секој повремено го искусува во некој облик. Тој има и позитивна улога зашто го подигнува нивото на енергија, ни ја зголемува креативноста и концентрацијата за да завршиме некоја работа успешно. Не прави порешителни, поподвижни и поисполнителни.

Но станува непријатен и заканувачки кога трае подолго, кога има долга неизвесност поврзана со здравјето на нашите сакани, работата, финансиската сигурност, нашиот углед и позицијата во општеството, односите со блиските и колегите. Тогаш стануваме емотивно разнишани, ранливи и подложни на здравствени нарушувања.
Секој човек има сопствен праг на поднесување на стресот. За некои само пакувањето за одмор е стресно, за некои вистинско задоволство. Некој промената на работно место ќе ја доживее катастрофално, додека друг одвај ќе ја чека новата можност.
Проблемот е во тоа што се навикнуваме да живееме под стрес и го прифаќаме тоа како нормално сé додека не ни се одрази посериозно на здравјето и на личната среќа.
Нема поубаво чувство од тоа кога ќе се олабавиме и одвоиме од сите грижи, а потоа се враќаме на живеењето со поголем оптимизам, расположение и со верба во себе. Еден од најделотворните начини да го постигнеме тоа е практикувањето на јога-вежбите, кои помагаат за физиолошко урамнотежување и постепено отстранување на последиците од стресот.

Стресот како дисхармонија се случува во неколку слоеви на човековото битие, но истовремено е нешто од што можеме успешно да се растеретиме. Често пати човекот чека чашата да се преполни, трпи и поднесува притисоци долго време па се чувствува истрошено, со смалена сила и издржливост, но искусувајќи ја јогата тој ќе се увери дека во себе има поголем потенцијал на сила, ќе ги разбуди исцелувачките енергии во себе, ќе почуваствува длабока релаксација, благосостојба во своето тело, смиреност на умот и ќе види дека да постигне спокојство е поедноставно отколку што можеше да замисли.

РАМНОТЕЖА ВО ТЕЛОТО И УМОТ
Кога стресот се акумулира во телото, зглобовите и мускулите стануваат крути и се јавува болка, а од тоа може да се ослободите со серија асани - телесни вежби во јогата. Со нив се ослободува мускулната стегнатост и се враќа подвижноста, леснотијата во телото и виталноста. Потоа, со техниките за дишење се прочистуваат дишните патишта и се внесува повеќе кислород во организмот, што ја помага неговата подобра функција и го избиструва умот. Ритмичното и забавено дишење влијае на смирување на менталната активност и на ослободување на негативните емоции. Кога умот нема да биде оптеретен со прекумерни грижи тогаш концентрацијата и неговата моќ реално да просудува ќе се зголеми.

Вежбањето на јогиските техники прави услови да се поттикне физиолошко урамнотежување и постепено да се отстранат последиците од стресот. Но треба да се направи и чекор повеќе. Најдиректното ослободување се случува при медитација, кога ќе се опушти телото и човек ќе се впушти во потрага низ потполно свесно размислување. Ќе може да се ослободи од најдлабоките стресови и напори, наоѓајќи длабок мир и спокојство.

Од природата сме создадени да имаме способност за самоизлекување. Само треба да научиме некои алатки со кои ќе го поттикнеме тој процес во себе. Алатки кои ќе ни ја вратат нарушената внатрешна рамнотежа, ќе ги урамнотежат симпатичниот и парасимпатичниот нервен систем, работата на ендокриниот систем, и на хиперстимулираниот организам ќе му ја вратат нормалната релаксирана состојба. Тоа може да се физички вежби, масажи, пешачење, танцување и сл. А како најкомплетна е јогата бидејќи има холистички карактер и помага не само да се отстранат последиците од стресот туку и причините.

УВИД ВО НАШИТЕ СЕКОЈДНЕВНИ РЕАКЦИИ
Животот на секој човек е низа од искачувања и падови. Ако го прифатиме ова како животна реалност, дека ние не сме исклучок, дека е нормално и на нас да ни се случи промашување или неуспех, ќе го одбегнеме стресот останувајќи цврсто на нозе и без суета ќе се потрудиме да ги поправиме работите.

Еден добар чекор е да се грижиме само за оние работи врз кои можеме да имаме контрола, зашто најмногу водиме грижа за работи врз кои не можеме да влијаеме. Да не преземаме грижа за сé. Ова сигурно ќе ни помогне да го редуцираме стресот во својот живот. Може да пробаме со водење дневник за она што предизвикува кај нас стрес, какви реакции имавме и како се справивме со нив. По неколку недели да одвоиме два-три настани кои најмногу нé вознемирија и да се запрашаме што можевме да направиме поинаку за да се справиме со нив подобро. Дали нашата реакција влијаеше добро или лошо на нашето здравје? Што можеме да направиме подобро следниот пат? Да преземеме одговорност да се справиме со работите.

Нашите сфаќања влијаат на начинот на кој реагираме на стресот, потоа препуштањето на негативното, деструктивно размислување, лутината, лакомоста, стравот. Да се прашаме дали мора така да размислуваме, дали е тоа реално? На кој начин се провлекува тоа во секојдневниот живот. Да провериме некои свои ставови со пријателите или со некој од семејството, зашто оној што гледа од страна може да види појасно и да ни помогне. Да бидеме отворени и да учиме, зашто никогаш не е доцна за тоа, никогаш не е доцна животот да си го направиме поубав.

Весна Алексовска