Почеток Имагинација Длабока имагинација
Share

ИСЦЕЛУВАЊЕТО Е РАЗВОЈ

Интервју со д-р Елигио Стивен Галјегос

Ние не се познаваме доволно себеси, го знаеме само основното. Постои една длабочина во нас, која е многу вредна.

 

Верувам дека секој во имагинацијата може многу да учи и да дојде поблиску до себе. Практиката со внатрешните слики е погодна за сите за да ја искусат својата единственост.

„Роден сум во Ново Мексико, како син на Шпанка и Ирец. Училиштето за мене беше како затвор. Сакав да учам, но не во училиште. Не знаев ништо за себе и што се случува во светот. На 18 години отидов во војска. Ме пратија во Австрија и Германија, така што во Европа бев три години. Тогаш почна во мене да се случува нешто многу убаво, научив да ја сакам музиката, посебно операта. Почнав да читам, да посетувам музеи и видов, светот е убав, голем и мошне креативен. Бев толку задоволен што сум во Европа. Но сепак, се решив да студирам, па се вратив во Америка, на Универзитетот во Висконсин. Таму студирав психологија, подоцна и докторирав. Почнав да предавам на Универзитетот како доктор по психологија. Но таму не се чувствував како дома, нешто недостигаше. Подоцна работев како терапевт.

ЖИВОТНИТЕ ГО ПОКАЖАА ПАТОТ

Уште како студент се чувствував изгубено. Иако бев добар студент, не знаев многу за терапијата. Забележав дека и другите не знаат нешто повеќе за неа. Не можеше вистински да се погледа подлабоко во човекот. Еден ден отидов да трчам, и тогаш одеднаш покрај мене се појавија две животни. Тие исто трчаа – во мојата имагинација. Тоа не си го замислував, беа тука, сами од себе.

Бев зачуден, но знаев дека мечката, која трчаше крај мене, дојде од моето срце, а орелот, кој леташе крај мене дојде од моето чело. Спонтано прашав: „Каде се и другите мои животни?“ Одеднаш дојде мојот зајак од мојата коренска чакра, кит од стомакот, срнче од соларниот плексус и еден бел коњ од моето грло. Се поставија во круг – иако јас сè уште трчав. Истовремено бев во круг заедно со нив. Тоа многу ме изненади. Не знаев дека постојат животни во чакрите. Тогаш направија нешто многу интересно: почнаа да ме исцелуваат.

Почна да зборува зајакот: „Јас не припаѓам тука, вие сите сте толку големи и моќни, а јас сум само еден мал зајак. Не припаѓам тука.“ Кога го слушнав тоа, ми се врати едно сеќавање, кое го имав заборавено речиси 50 години. Се случи во забавиште. Имав пет години и по две недели дојде учителката и рече: „Ти си премногу интелигентен за да бидеш во забавиште, припаѓаш во прво одделение.“ Ме зема за рака и ме однесе до друга училница. Таму имаше двојно повеќе деца отколку во забавиштето. Сите беа постари и поголеми од мене. Се чувствував: не припаѓам тука! Сепак бев присилен да останам.

Ни самиот не знаев дека сè уште ја носам таа рана во себе. Тоа сеќавање се врати, бидејќи животните беа со мене. Останатите животни му рекоа на зајакот: „Припаѓаш тука кај нас! Ние ќе те поддржуваме додека не пораснеш и станеш силен како нас.“ Секојпат, кога некое од животните ќе го кажеше ова, зајакот секогаш по малку растеше, сè додека покрај мене не седеше еден голем зајак. Со растењето на зајакот заминуваше чувството дека не припаѓам во училиштето, ниту во која било група или каде било – од мене во земјата. Секогаш мислев дека е тоа чувство вистинито. Но кога истече од мене, знаев, дека се работеше само за сеќавање на чувството. Тоа секогаш беше во мене: во училиште, кога започнував ново одделение и во периодот кога докторирав.

Сфатив, тие животни ме познаваат многу подобро отколку што јас самиот се познавав. Тие знаат каде сум повреден, и знаат како да ја излечат таа повреда. Самиот не го знаев тоа. Тие се навистина мои терапевти и мои учители. И јас сè уште учам од нив.

СЛЕДЕЊЕ НА СОПСТВЕНАТА ОДРЕДЕНОСТ

Сакам да набљудувам како се развиваат луѓето. За мене секогаш е чудо како можат да се променат. Изгледа така, како нивната сопствена убавина да зрачи од нив додека се развиваат. Тоа не е некоја површна работа, туку тоа доаѓа од нивната длабочина. Мојата визија е сите луѓе да се сетат дека постои сила во нив и да го најдат патот до неа. Така може да се исцели сè што е за исцелување, зашто ни е потребно да сме зрели, возрасни личности.

Мислам дека и премногу сме учеле да бидеме послушни, да ги преземаме правците на другите, место да го откриеме сопствениот правец и него да го следиме. Секoј човек има свој правец, своја одреденост, свој пат, кој само нему му припаѓа и тој е единствен. Ние сме тука за да ја откриеме таа димензија, а не да сме постојано контролирани од другите.

Убеден сум дека луѓето имаат вродена припадност кон заедницата. Тоа е аспект на она што сме. Ние сме луѓе на заедништво, учиме едни од други, се поддржуваме и се сакаме едни со други. Ние не припаѓаме на тие мали кутии во кои живееме. Припаѓаме на многу поголемо семејство. На пат сме кон враќање кон многу поголема група на припадност. Гледам дека тоа штотуку започнува. Тоа е многу подобро и за Земјата, за полесно да нè поддржува и носи.

ВО РАБОТАТА СО ЖИВОТНИТЕ ОД ИМАГИНАЦИЈАТА ДОАЃАМЕ ДО САМИТЕ СЕБЕ

Секој човек во имагинацијата има сосема одредени животни, кои само нему му припаѓаат. Сите ние не сме исти. Сите сме единствени, посебни битија. Кога тоа ќе го откриеме во себе, сфаќаме дека не постои конкуренција од никој. Не сме тука само за да работиме, туку и да ја споделуваме таа внатрешна креативност.

Практиката со внатрешните животни е погодна за сите за да ја искусат својата единственост. Верувам дека секој во ова може многу да учи и да дојде поблиску до себе. Повторно да се врати на себе. Ние не се познаваме доволно себеси, го знаеме само основното. Постои една длабочина во нас, која е многу вредна, а тоа е нашата длабока животност. Тоа е подарокот од универзумот за нас.

Интервју од Швајцарското списание „Исцелувањето денес“