Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Ризница

ЖИВОТОТ Е ПОЛЕ ЗА УЧЕЊЕ

Share


Животот не е само купишта проблеми, обврски, амбиции, борба за пари, грижа за работата, загубите и болестите, задоволствата од тоа што ќе го стекнеме и добиеме. На овој свет секој човек има тешкотии, но треба, и покрај нив, да се потсетуваме, барем повремено, дека животот е поле за надградување и откривање, за развивање на своите способности, за разоткривање на животните тајни зад сето она што може да се види – животот е поле за учење. 

Целиот живот всушност е непрекината низа од лекции со кои зрееме и ја моделираме својата личност, учиме кога треба да се воздржуваме, кога да бидеме упорни а кога попустливи, како да го постигнеме она што го сакаме, научуваме да бидеме похрабри. Она што го научуваме со текот на годините, она што станува искуствено знаење, се вградува во нас, станува навика, станува дел од нашиот карактер, знаењето во нас останува живо. Но дали е тоа сè? Дали е тоа доволно? Дали доволно знаеме за духовното живеење?

Треба да вложиш напор 
Покрај она знаење што ни го носи животот е знаењето што го стекнуваме по желба, по избор, од потребата да разбереме уште нешто, да ги прошириме своите погледи, да сфатиме уште нешто посуштинско за себе и за она што ни се случува. 

За да научиш и да знаеш, треба тоа и да го сакаш и да вложиш напор. Прво треба да имаш храброст и искреност да си признаеш дека не знаеш, а потоа треба да имаш желба да научиш, потоа треба да побараш од каде можеш да научиш, да имаш доблест да побараш да учиш, па да поседуваш упорност, издржливост, решителеност, да вложиш напор да научиш, па макар да ти е потребно и подолго време. 

Ова се карактеристики на луѓето што се вклучиле во процесот на духовното учење. Оној што е отворен за добронамерно укажување и кога греши е свесен дека греши и ја поправа грешката - е тој што учи.

Ни доаѓа она што ни треба
Животот сам нè упатува и нè носи онаму каде што можеме да го најдеме она што ни е потребно и важно. Како да има невидливи знаци што интуитивно нè упатуваат каде треба да се движиме, дури и не знаеме како сме стигнале некаде, некоја внатрешна сила нè водела на одредено место, или кај одреден човек, зашто секој од нас треба да исполни одредени обврски, да го земе она што му припаѓа, или да го даде она што треба да го даде. 

Практикувањето на јога, покрај тоа што за некои останува само практикување на техники што имаат позитивно влијание врз здравјето, е процес на учење и на стекнување на знаење - увид во себеси и во својот живот. Во еден таков процес оној што мисли дека знае сè не може да има успех. Можеби знаеме малку, доволно или дел од работите, но работите имаат повеќе димензии, повеќе слоеви, различни агли од кои може да се погледнат за да се добие поцелосна слика. Јогискиот поглед има широк опфат, затоа што се учиме пообјективно да ги согледаме работите, помалку пристрасно, широкоаголно.

Имаме право да ги смениме работите на подобро
Навиката, исто така, е една од пречките. Толку сме навикнати на себеси такви какви што сме, навикнати сме на ситуацијата во која се наоѓаме, навикнати сме на онаа слика за работите, односите и луѓето што сме си ја создале во умот, што, дури и кога се чувствуваме лошо, кога сме несреќни, никако не ни доаѓа во свеста дека тоа можеме да го смениме, дека има начин. Дека имаме право да ги поправиме работите, дека имаме сила, дека заслужуваме да научиме да бидеме посреќни и похармонични со себе и околината. За тоа може да се стекне знаење само ако имаме волја и добро водство. 

Кога се зборува за знаење во јогата, се мисли на суштинското знаење, не на интелектуалното. Не на информативното туку на искуственото, доживеаното, сфатеното и усвоеното знаење. Можеби илјадници пати додека вежбаме ќе слушнеме упатство „биди свесен за себе“ и, бидејќи толку пати сме го слушнале тоа, сметаме дека навистина го правиме, но во еден момент, кога навистина „ќе станеме свесни за себе“, ќе сфатиме вистински што значела таа фраза. 

Кога слушаме за одредени теми од јога, и да сме слушале за нив претходно, треба да се обидеме да го слушнеме од оваа позиција во која се наоѓаме сега, во моментот, со еден друг дел од себеси, да не ги слушаме само зборовите туку нивното значење. Така тоа нема да биде слушање на информации, туку ќе биде сатсанг - дружење со учењето. Знаењето за духовните нешта треба да го доживуваме, да го оживуваме постојано и да го живееме во својот дух, во својот ум и во своето тело.
Весна Алексовска