Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Јога-практика

АСАНИ Положби за смалување на стресот и зголемување на виталноста

Share

 

АСАНИ

Положби за смалување на стресот и зголемување на виталноста

Кога ќе се споменат телесни вежби вообичаено добиваме асоцијација на активност која бара големо напрегање и добра физичка кондиција. Но телесните положби во јогата, асаните, се нешто сосема друго.Тие се основните вежби во јогата и претставуваат алатки со кои ја подобруваме состојбата на телото и на умот.
Традицијата кажува дека постојат 84 илјади асани, од кои е доволно да знаеме и практикуваме неколку десетици. Тие се многу стар „изум“ за благосостојба на човекот бидејќи вршат корекција на функционирањето на сите делови на телото вклучително и внатрешните органи и системи. Првенствено служеле да го одржат здравјето на посветените јогини кои се стремеле кон висок духовен развој, бидејќи болеста се смета за првата пречка на тој пат. Токму овие положби им помагале да останат во добра телеснo-енергетска рамнотежа, да развијат задраво и издржливо тело, кое уште се одликува и со смиреност и чистота, квалитети кои биле неопходни за долгата медитативна практика за да ја достигнат својата највисока цел, обединување на индивидуалната со изворната, сеприсутната космичка свест.


Асаните во себе ја носат идејата на источната мисла за човекот - дека тој претставува единство на телото и умот, на материјалното и духовното.


Денес сите што практикуваат јога и асани не мора да бидат посветени јогини. Секој, без разлика на возраста може да научи, ако не повеќе, барем една програма на асани кои ќе му помогнат да достигне подобро чувство за себе, подвижно тело и ослободеност од стресот, издржливост, стабилност, отпорност на болести, виталност, со што ќе се чувствува добро, сигурно и среќно во сопствената кожа.
Има положби со различна тежина, од наједноставни до најтешки кои бараат долго практикување за да се усовршат. Поискусните практиканти може да знаат многу асани, вклучувајќи многу напредни положби со силно истегнување. Но, запаметете, дека вие не мора да ја правите секоја положба ако имате покруто тело, или, кажано поинаку, ако вежбате движете се во рамките на своите можности и така ќе имате најдобри ефекти од она што го практикувате.

Позитивните ефекти од асаните
Ефектите од асаните се сестрани, а за тоа најдобро би посведочиле практикантите и оние што вршат научни истражувања за влијанието на јогиските техники врз организмот на човекот. Но, не мора да сте научник за да знаете дека ви е добро и дека имате некои од следните промени:

  • Смален стрес
  • Подобар квалитет на спиењето
  • Зголемен капацитет на белите дробови, т.е. подобрување на дишењето
  • Подобрена дигестија и метаболизам
  • „Подмладување“ на функцијата на зглобовите
  • Зајакнати и еластични мускули
  • Зголемена циркулација
  • Подобрено држење на телото
  • Зголемена рамнотежа на умот и на телото
  • Зголемена концентрација
  • Зголемeна самосвест
  • Чувство на радост

Освен овие заеднички, секоја асана има и свое карактеристично дејствување на телесен и психоментален план. Мора да се напомене дека некои од асаните имаат ограничувања и контраиндикации за луѓето со здравствени проблеми, тоа го укажува наставникот, а практикантот мора тоа да го почитува поради свое добро.
Практикувањето на овие положби ќе ја зголеми отпорноста на болести, а можат да се применуваат за надминување или олеснување на конкретни  здравствени нарушувања, како: астмата, дијабетесот, срцевите заболувања, високиот крвен притисок, 'рбетните деформации, остеопорозата и друго. Специјализирана програма е препорачлива за бремените жени, децата и постарите лица.

Како се изведуваат
Тоа дека секој може да ги практикува асаните доаѓа од начинот на кој се изведуваат. На кратко, тој опис би бил ваков:
- лесно, бавно, со свесно водени движења, со усогласено дишење, со контролирано напрегање и со акцент на опуштање на мускулатурата.
Кога телото ќе ви стане посилно и поеластично и кога ќе имате потреба да ја повратите изгубената енергија начинот на кој вежбате може да биде поразличен:
- за нијанса поинтензивно но и понатака со свесна контрола, со нагласено истегнување и контракција на мускулатурата што ќе ви ја подигне енергијата во телото.

Хармонично усогласување на телото, дишењето и мислите
Контролата на дишењето е важен дел на јогата. Во телесните вежби дишењето се поврзува со движењата. Контролирањето на дишењето може да ви помогне да си го контролирате телото и да стекнете контрола на својот ум. И обратно, кога ќе научите да не се напрегате повеќе од потребното тогаш и дишењето ќе ви стане помирно, па полесно ќе може да го комбинирате со движењата. Дишењето го прави вежбањето похармонично.
Низ практикувањето на асаните се учите во нив да имате што помалку механички движења, што повеќе да учествувате ментално и својот ум да го впрегнете во тоа што го правите во моментот. Кога ќе почнете да ги доживувате движењата, положбите, состојбите на олабавеност, напор, истегнувањата, умот полека ќе ви се растеретува од вообичаените грижи за она што било и она што ќе биде. Тој краток период што сте го одвоиле за себе за да извежбате неколку положби ќе го искористите да се релаксирате, да си го избалансирате организмот и да се вратите на својот живот со едно поведро расположениe.

(Списание „8-ка“ бр. 5)

Весна Алексовска