Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Јога за деца

ПОДАРЕТЕ ИМ ЈА ЈОГАТА НА СВОИТЕ ДЕЦА

Share

ЗА ПРАВИЛЕН ПСИХО-ФИЗИЧКИ РАЗВОЈ 

Јогата е дисциплина, или подобро, содржина што може да го разубави и продлабочи семејното живеење.

Го разубавува затоа што човекот што ја практикува го прави поотпуштен, поведар, попозитивен, подобар, а тие состојби ги пренесува и во кругот на своите најблиски. Го продлабочува затоа што му помага на човекот да се пронајде себеси во себе самиот, го свртува кон самоанализа и проценување на вистинските вредности во животот и во релациите со другите, од што произлегува неговиот стремеж да ги разбира и прифаќа другите, но и да се бори за своето вистинско место во средината. Затоа велиме дека, кога човек практикува јога, позитивните ефекти што ги стекнува за себе ги ползуваат и луѓето во неговата околина, а најмногу членовите на неговото потесно семејство. 

Јогата е корисна и приспособлива за сите возрасти, почнувајќи од најмалите до лицата во најдлабока старост. Таа може да одигра особена улога во развојот на децата и во нивното формирање во здрави личности. Но, за нив би било најдобро јога да практикуваат и нивните родители, кои и така се првите духовни учители на своите деца. Во тој случај родителите се тие што ги развиваат љубовта и интересирањето кон овие вежби. Можат да ги поттикнуваат своите деца да вежбаат заедно и да поминат убави заеднички мигови, но и да овозможат јогиските принципи да најдат место во кругот на секојдневното живеење во семејството. 
Тинејџерите, како и возрасните, можат да вежбаат секој ден, затоа што и тие се подложни на стрес.

Зошто токму јога? 
Јогата може да одигра значајна улога во развојот на децата од најрана возраст, низ пубертетот до стекнување на зрелост ако ја практикуваат организирано во подолг временски период. 
Влијанието на јогиските вежби е сестрано, па затоа и пристапот на нивното предавање и практикување внимателно се одредува. Вежбите се одбираат да бидат сигурни, интересни и погодни за возраста на децата и нивните моментални потреби. 
Јогата ќе ги научи децата уште од мали да развијат чувство за телото, што е носител на нивното здравје и на нивната среќа во текот на целиот живот. Учат како да се одмораат. Им се зголемуваат еластичноста, имунитетот, силата, издржливоста. Од друга страна, може да им помогне во формирање на одредени ставови важни за изборување за сопственото место во средината, да стекнат стабилност, сигурност, отвореност, верба во себе и во универзалното добро. Учат да бидат пососредоточени и со избистрен и помалку деструктивен ум, а меморијата и креативноста им се зголемуваат. 
Јогиските вежби имаат многу предности во однос на другите физички активности, може да ги вежба секој и затоа се погодни за деца од сите возрасти и со различни физички способности. Посебно е значајно тоа што може да вежбаат и деца со физички ограничувања и хендикепи за кои изборот на вежбите се приспособува.

Што не може да вежбаат? 
Родителите кои и самите практикуваат јога не смеат да бидат премногу амбициозни со своите деца и да ги поттикнуваат да прават нешто што не одговара на нивната возраст. Во книгите за јогата може да се видат многу тешки и комплицирани техники кои децата не треба да ги вежбаат. Се препорачува екстремните свивања назад, обратните положби (стоење на глава) и други, помалите деца да не ги вежбаат затоа што може да се повредат. Исто така, не треба да практикуваат посложени техники за дишење, банди и техники за прочистување. Поради комплексното дејство на јогата, освен вежбањето дома, со родителите, препорачливо е да посетуваат и специјализирани часови за деца со програма приспособена за нивната возраст. Но треба да се внимава каде децата ќе практикуваат јога, зашто нестручното водење може да штети.

Што може да вежбаат? 
Вежбите имаат позитивно влијание врз телото, умот и емоциите. 
Тие ја активираат целата мускулатура на телото, ја зајакнуваат и релаксираат. Целото тело станува поцврсто и поотпорно. 
Некои положби на телото, одреден начин на дишење и визуелизацијата можат пријатно да им ги истегнат телата и да им го смират умот. Можат многу да им помогнат на оние што имаат искривувања на ‘рбетниот столб (сколиози и кифоза) и да го спречат и намалат искривувањето. 
Во повеќето вежби доаѓа до истегнување и ширење на градниот кош, што е одлично за развивање на овој дел на телото, но и за продлабочување на дишењето. Тоа е посебно корисно за децата што имаат астма. Ним им помагаат и одредени нежни техники за дишење кои го смируваат и продлабочуваат дишењето. 
Релаксацијата и медитацијата им ги одмораат телата и им ги смируваат умовите барем за кратко, но доволно за да има позитивни промени. Визуелизациите што се прават постепено ја коригираат психичката состојба, создаваат позитивни ставови, ги поттикнуваат позитивните чувства и ја развиваат имагинацијата. 
Јогата може да биде и забавно другарување кое по часовите децата ги одмора, ги освежува и орасположува. 
Ако родителот го поттикнува своето дете да вежба јога и уште подобро, да вежба заедно со него, му поставува добри основи да се развие во отворена, способна и позитивна личност, а од друга страна, ако родителот е доволно отворен кон своето дете, и тој може да научи од него работи што одамна ги има заборавено.

Весна Алексовска