Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Јога за деца

ЈОГАТА ВО СВЕТОТ НА ДЕЦАТА

Share

 mala-deca-yoga


ЈОГАТА ВО СВЕТОТ НА ДЕЦАТА

Светот на децата не е така лесен како што некогаш може да мислат возрасните.  Децата не решаваат животни прашања, но си ги имаат своите предизвици. Под влијание на најблиската средина им се поставуваат темелите на нивната личност, растат, примаат, се радуваат, се повредуваат, стравуваат,..

се борат и судираат, треба да се прилагодат на нови средини во градинка, или училиште, да се снајдат во компетитивната околина во одделението, да ги завршат домашните, да стигнат на воншколските активности, се борат да ги исполната очекувањата на родителите, ги претрпуваат нивните стресови. Можеби сѐ уште мислите дека нивниот живот е ослободен од стресови?

Стресот влијае на начинот на кој учат и на нивната интеракција со околината. Тој влијае на нивното здравје, благосостојба и сигурност. А јогата за децата би била како помош да се ослободат и релаксираат, а исто така, и да добијат основа за здрави животни навики. Позитивна страна на јогата е што нема натпреварување, па децата се ослободени од мерење и докажување со другите, што создава позитивни меѓусебни односи.

Во период на развој, телесен, емоционален, социјален важно е на што се изложени децата и какви активности имаат. Децата се сунгери, не се знае од каде ќе примат некоја мисла, чувство, став кои ќе им се врежат во свеста и ќе ги следат цел живот. Вежбите и воопшто тежнението на јогата кон хармонијата и вистинските вредности се позитивно повеќеслојно искуство кое се вградува во телата и свеста на децата и кое ќе биде и понатаму присутно во нивното растење и развивање.


ПРИДОБИВКИ ОД ЈОГАТА

  • Телата им стануваат силни, еластични и здрави.

  • Им се подобрува свесноста за телата и координацијата на движењата

  • Подобра рамнотежа

  • Искусуваат нешто што е добро за нивната благосостојба

  • Се поттикнува креативното изразување, имагинацијата

  • Се зголемува концентрацијата и траењето на вниманието

  • Се култивира самопочитувањето

  • Релаксира и го подобрува спиењето

  • Развива чувствителност, почитување за себеси и светот наоколу


КАКО РАБОТИМЕ ЈОГА СО ДЕЦАТА


Во мојата долгогодишна практика на предавање на јога на децата ми донело големо задоволство, како и големи предизвици. Како прв предизвик ми било доближувањето и прилагодувањето на јогата, а потоа да ги мотивирам да го направат она што е корисно за нив, бидејќи положбите се одлична физичка активност за помалите дечиња, за школските деца и адолесцентите.


Претежно програмата е составена од телесни вежби во кои симетрично се активира целото тело, а пред да почнеме да вежбаме заедно седнуваме и неколку моменти ги смируваме мислите и дишењето.  


Телесните положби (асаните), го поттикнува доброто физичко и ментално здравје како и правилниот развој. Вежбите ја активираат и зајакнуваат целата мускулатура, со што телото станува поцврсто и поотпорно. Овозможуваат зголемување на еластичноста, имунитетот, силата и издржливоста.


Правиме и вежби за рамнотежа за да ја развијат стабилноста на телото и сигурноста. Ги поттикнувам да одвежбаат што подобро, но и да не се срамат ако не можат да направат некоја вежба. Застапени се вежби за дишење како длабоко дишење, брмчење на бумбар и слично што на децата не само што им се допаѓа, туку веднаш се забележува ефектот кај нив. Ако претходно биле немирни по вежбите за дишење стануваат посмирени и со поголемо внимание . Работиме и вибраторни вежби кои децата многу ги сакаат и кои исто делуваат на смирување на менталната активност. Часот го завршуваме со кратки вежби за концентрација и релаксација, во кои ги насочуваме да замислат нешто позитивно, што ќе втисне во нив позитивен печат и ќе поттикне позитивен став кон себе си и кон околината.

 

Релаксацијата која е составен дел од програмата им го одмора телото и им го смирува умот. Визуелизациите што често се прават, помагаат да се влее чувство на мир и позитивна состојба. Тоа е причината поради која по часовите децата се освежени, одморени и расположени.

Јогата може да помогне и во формирање на одредени ставови кон себе, за стекнување сигурност, отвореност, верба во своите потенцијали и во универзалното добро. Децата учат како да бидат пососредоточени и со избистрен и позитивен ум, зголемувајќи ја својата меморија и креативност. Се разбира дека за да се постигнат добри резултати од огромна важност е улогата и поддршката на родителите, кои ако имаат искуство во јогата можат да им помагнат на децата да вежбаат дома заедно.


Тие треба да се чувствуваат природно, комотно, да чувствуваат убава атмосфера на прифаќање и љубов, на споделување на она што го чувствуваат и што сакаат да го кажат, но со присуство и на дисциплина бидејќи чувството за ред е важно во животот.


Секоја физичка активност е од исклучителна важност за правилното растење на децата. Со оглед на тоа што вежбите имаат корективно дејство докторите сѐ почесто им ја препорачуваат јогата на оние што имаат искривување на 'рбетот, па многу често доаѓаат деца со сколиоза.

Во повеќето вежби доаѓа до ширење и истегнување на градниот кош што е одлично за развивање на овој дел на телото, но и за продлабочување на дишењето. Тоа е особено корисно за децата што имаат астма. Самото вежбање ги релаксира и ги прави посигурни. Зголемувањето на сигурноста во себе е важна, а особено за дечиња што се помирни и позатворени. Додека пак хиперактивните со јогата можат да се смират и да ја зголемат концентрацијата.


Јогата е препорачлива за сите деца, па дури и за оние дечиња кои не можат и не смеат да се занимаваат со друга физичка активност. За нив програмата се прилагодува на можностите и потребите.

Особено е значајно тоа што може јога да вежбаат и деца со физички ограничувања и хендикеп за кои изборот на вежбите се приспособува.


Моментално часовите се во петоците и траат еден час, и се одржуваат во просториите на нашиот центар во Капиштец.

 

 

 

 


Весна Алексовска

golema-yoga-deca