Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Искуства

ЕДНО НОВО УТРО

Share

Мирјана Ѓорѓевска, (24 год.) консултант за односи со јавност

Кога се вклучува алармот на мобилниот, станувам збунето, некогаш исплашено, но секогаш брзо и одненадеж. Секогаш со рој мисли, чувства... сé треба да направам, сé треба да завршам денеска. Излегувам од дома, насекаде сум, среќавам луѓе, уживам во сé што правам, уживам во луѓето, ама насекаде сум. Кај сум јас во сето ова? Доаѓам дома, ја барам тишината и се обидувам да ги спојам сите мои разжуборени поточиња во едно и да заспијам мирно.

Едно убаво облачно попладне се упатив на мојот прв час по јога. Сакав да научам како да го вгнездам мирот во поточињата, а да не ја нарушам нивната жуборлива природа. Таму запознав прекрасни личности, кои несебично ми ги отворија вратите кон едно ново искуство кое сé уште го живеам.

Едно убаво пролетно утро се упатив кон Осоговските Планини, кон едно убаво вештачко езеро, Градче, на еден викенд поминат со јогата, со прекрасните личности, со себе. Тешко ми беше да се ослободам од мојот зборлив ум, да уживам во тишината, во природата. Преплавена бев од мисли и чувства, но постепено учев како да ги забележувам и да им се предавам на работите што се случуваат сега. Се пронајдов во езерото, во звукот на птиците, во шумичката со високи, зелени и густо никнати дрвја. Се погледнав себеси и ѕирнав во внатрешноста, од другата страна на видливата физичка контура. Таму започнав да се запознавам себеси.

Не знам која сум, зошто сум тука и зошто го пишувам ова, но препознавам една мирна нота, која сè почесто ја забележувам на петтолинието наречено живот. 

Се вклучува алармот на мобилниот, се будам, погледнувам низ прозорецот, го гледам утринското сонце и им се радувам на убавините на новиот ден.

Ви благодарам прекрасни луѓе.

29.08.2009