Share
untitled1 Mediumi
Јога во 5+ со Петко и Мина
plakat

8ka b_small

 
Почеток Искуства

ЗА ЈОГАТА НЕ СЕ ЗБОРУВА, ТАА СЕ ЖИВЕЕ

Share

 

Елена Конеска, (29 год) книжевник

Верувам дека сите работи во животот се случуваат со причина, дека се поврзани, дека нè учат нешто, нè насочуваат некаде. Дури и кога нешто се чини страшно, болно, тешко, верувам дека и тоа се случува со причина.

Мојот пат до јогата и медитацијата ме „чинеше“ еден скинат лигамент на коленото, неколкунеделна депресија и неколку прочитани статии за јогата. Моментите на тага, болка и осаменост како да нè тераат поинаку да размислуваме, подлабоко, потрезвено, нè тераат да бараме некакво значење, да трагаме. Тоа трагање и размислување ме донесе до јогата. Секако, јогата не го залечи скинатиот лигамент, но направи други чуда за кои тогаш не бев свесна. Моите пријатели забележуваа позитивни промени кај мене. Следеше операција на коленото, нов лигамент и 6 месечно закрепнување исполнето со мислата дa и' се вратам на јогата. Не беше случајно ни тоа што мојот доктор 3 години вежбал јога кај Весна Алексовска.

 Денес не гледам на повредата и операцијата на коленото толку страшно како што ми се чинеше тогаш. Благодарна сум што ме доведе до јогата. Дури и не гледам друг начин како би почнала со јога. Благодарна сум кога моите блиски и моите пријатели ми велат дека сакаат да почнат со јога, уште поблагодарна кога продолжуваат со јогата, кога ми кажуваат колку им помогнала при некои физички болки, при психичката смиреност, при духовното издигнување.

Мајка ми често на шега ми префрла „како не ти здодеа веќе таа јога“ и како е тоа единственото нешто што толку долго (речиси две години) ми го задржало вниманието. Мислам дека е неблагодарно да кажам само дека јогата ми помогна со болките во грбот, со стегнатоста, со напнатоста... Тоа е ништо. Таа ми помага многу повеќе, ми помага на ниво што не се објаснува со зборови. Во неа се исплетени хуманоста, постоењето на Бог, совршеноста на светот, едноставноста на работите. Таа е сè и ништо. За јогата не се зборува, таа се живее.

18.12.2009